Дојди, качи се во кола- приведени момчињата кои беа обвинети за обид за киднапирање на дете на пратеник!

by fokus 14:13
14:13

Во тек на вчерашниот ден во Полициската станица во Кочани биле приведени две момчиња на возраст од 18 години, по пријавата дека се обиделе да киднапираат седум – годишно девојче, ќерка на пратеник од редовите на СДСМ од Кочани.

Според сознанијата до кои дојде ,,Фокус”, настанот бил пријавен во полиција од страна на таткото на девојчето во средата, околу 13.30 часот.

- Advertising -

Додека се враќало од училиште, на околу 50 метри од својот дом, пред девојчето запрело црно возило, од марката БМВ, а совозачот му дофрлил – Ајде дојди, качи се во колата!

Истото се исплашило, а во тој момент се појавил вујкото на пратеникот, односно дедо на девојчето, по што момчињата со возилото веднаш заминале од местото на настанот.

Првично, девојчето и дедото тврделе дека станува збор за сино возило, но по проверките на камерите било утврдено дека се работи за црно БМВ, по што бил пронајден возачот и совозачот кој довикувал од возилото.

Момчињата биле повикани на разговор во полициската станица, каде го признале делото, но тврделе дека само се шегувале и возејќи се дофрлале на повеќе минувачи.

Од СВР Штип го потврдија настанот.

-По претходно добиена пријава за случајот за кој прашувате превземени се мерки и случајот е расчистен, односно приведени се две лица. Констатирано е дека M.Ѓ.(18) и и И.Ј.(18) со патничко возило „БМВ“, управувано од М. Ѓ., се движеле низ улиците по градот и вознемирувале граѓани. Лицата се приведени во Полициска станица Кочани, а за случајот е известен Јавен обвинител. По комплетно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци – информираше Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.
Вики Клинчарова

Поврзани новости