Дојдете на жива музика и шампањско во Охрид: Покрај српските, и бугарските агенции нудат празнична забава!

by fokus

Покрај многубројните туристички агенции од соседна Србија кои на своите страници рекламираат новогодишни аранжмани во Охрид, со дочек во клуб или ресторан, и покрај актуелната забрана за организирање на било каков вид на прослави, и во агенциите во Бугарија не изостануваат понуди за славење во Охрид.

Се нудат пакети по цена од 400 лева од лице, односно од околу 200 евра, со автобус, за три ноќи со вклучен свечен дочек на новата година, со гала вечера во хотел.

Според објавите на агенциите, на бугарските граѓани кои ќе решат да ја дочекаат новата година во Охрид, им следува и осигурување за патување со покриени ризици поврзани со Ковид-19, прошетки до Билјанини извори и Струга, но и интересна понуда за дочекот.

Празнична новогодишна вечера со музичка програма, богато мени со вклучена неограничена консумација на ракија, бело и црвено наливно вино, газирана и негазирана вода, како и здравица со чаша шампањско.

Освен понудите за новогодишниот дочек, застапени се и пакети за Божиќ, со четири ноќевања, по цена од 350 лева од лице во Охрид, градот кој отсекогаш бил омилена дестинација на Бугарите, во тек на цела година.

Околу забраната за прослави, како и ограниченото работно време на локалите во земјава до 18 часот, кое стапува на сила од утре, ниту една од агенциите нема објавено информации ниту пак било какво соопштение за своите клиенти.

Поради актуелната пандемија годинава речиси сите светски метрополи ги откажаа големите празнични прослави, а туристичките агенции останаа без работа.

Откажани се популарните улични забави во Лондон, Даблин, Будимпешта, Хонг Конг, Њујорк… Некои од големите градови најавија онлајн пренос од настапи, кои ќе се случуваат без публика, односно виртуелни прослави, со цел да се заштити населението од пренесување на вирусот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости