Договорот да се имплементира, Груевски да поднесе оставка

by Фокус

Тројцата европратеници порачуваат дека нема веќе време за трошење и итно треба да се имплементира Договорот од Пржино и реформите кои произлегуваат од него.

– Целосната посветеност и фокусот на сите партии во преостанатите прашања од Договорот се исклучително важни. Затоа ги охрабривме партиите да дејствуваат многу брзо за да го подготват Избирачкиот список преку договорена методологија за навремени теренски проверки и да направат сигурни чекори за да се обезбеди слободата на медиумите. Ги повикавме партиите да ги искористат разговорите со Европскиот Парламент и еврокомесарот за да осигураат имплементирање на решението за сите отворени прашања, велат во заедничката изјава Вајгл, Ховит и Кукан.

Тие сметаат дека мора да и се даде целосна поддршка на Специјалната обвинителка за да ја спроведе својата работа.

Европратениците изразија загриженост за пробиените рокови и за како што велат некои назадувачки чекори во однос на забелешките во Извештајот на Прибе и побараа целосна посветеност на работните групи, вклучувајќи го и изборниот период.

Договорот од Пржино мора целосно да се имплементира, а тоа ја вклучува и оставката на премиерот, смета европскиот пратеник Ричард Ховит.

– Оваа недела исто така ќе видите комбинирана меѓународна дипломатија и притисок од ЕУ, од нашите пријатели и колеги во САД и од ЕП, а подоцна и од Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан и секој од нас ја кажува истата работа на земјата и политичарите, дека единствената иднина се заснива врз целосна имплементација на договорот во пржино. Тој договор не би бил целосно имплементиран ако ние не би биле тука, вели Ховит.

Поврзани новости