Додевски: Ирелевантно е каде е Сеад Кочан и кога ќе се врати

by fokus

Осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, по кој веќе четири дена се трага со меѓународна потерница, чека да ја поништат одлуката за притвор, па да се врати во Македонија.

Сопственикот на „Транс мет”, кој СЈО го сомничи за местење тендери во ЕЛЕМ во износ од 17 милиони евра, ја напушти земјата неколку часа пред издавање на решение за негово притворање. Неговиот адвокат не открива каде е Кочан, само вели дека бил на службен пат.

-Ирелевантно е каде е Сеад Кочан и кога ќе се врати. Тој си ги врши своите работни активности како слободен граѓанин- изјави денеска неговиот адвокат Никола Додевски, а пренесе Мета.

Тој тврди дека издавањето наредба за притвор било незаконско, а одлуката веќе ја обжалија на Апелација. Веднаш после тоа и СЈО поднесе одговор на жалбата.

Инаку, покрај Кочан, во овој предмет осомничен е и Василије Авировиќ, овластен потписник на компанијата „Силекс неметали“, за кого судија на претходна постапка одреди мерки на претпазливост.

Според истрагата на СЈО, обвинетите фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Овие три фирми на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Транс мет”.

Поврзани новости