Додека умираше од рак, мајка ми ме убедуваше да одам на настап, пеев, но плачев во себе!

by fokus

Фолк пејачката Јасмина Гуњова, која е присутна на сцената од далечната 1992 година, кога за првпат настапи на фестивалот ,,Цветници”, деновиве се подготвува за претстојното издание на Фолк фест Валандово, кој ќе се одржи на 28-ми мај.

Таа ќе ја отпее баладата ,,Неутешна” со музика и аранжман на Тодор Завков и текст на Томислав Которчевиќ. За ,,Фокус” вели дека иако зад себе има долг стаж на сцената, не и е целта секогаш да биде застапена на настани и фестивали, туку внимателно ги избира песните.
Не е најважно само да се учествува, туку и да се понуди квалитетна песна, која од прво слушање ќе ти влезе во душата, вели.

-Чест ми е што ќе бидам дел од Валандово Фест. Јас таму го имав мојот трет настап во животот, во 1993 година. Музичката кариера ми започна спонтано, бидејќи дипломирав на Технолошкиот факултет и во тој период работев како професорка по текстилни стручни предмети во Штип.
За изборот на Технолошкиот факултет најмногу влијаеја моите родители, живеевме во Штип, активно работеа текстилни фабрики, се бараа работници од таа струка.

Но, пеењето секогаш беше дел од мене. Како хоби, пеев и снимив неколку демо снимки со оркестар, а на наговор на пријател отидов во МТВ со касетата во рака. Први ја преслушаа касетата Јане Коџабашија и Мате Грујовски, татко на мојот колега Благоја Грујовски, и без многу двоумење Грујовски ми понуди да настапам на фестивалот ,,Цветници”, кој се одржуваше за неколку дена.
Така започна се, еве и до денес трае мојата дружба со музиката, вели Гуњова.

И покрај тоа што работи како професорка во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, таа има редовни настапи во локали, посветена е на семејството, за кое раскажува дека и е голема поддршка, а периодов започнала и со изучување на знаковниот јазик.

-Над три децении сум дел од фолк сцената, иако не сум личност која премногу сака да се експонира, да се истакнува. Синот и ќерката веќе се возрасни, по професија се информатичари, тие заедно со сопругот секогаш стоеле зад мене и ми биле поддршка во музичката кариера. Тоа е од посебна важност за секоја жена која решила да биде дел од сцената.

Знам дека од нас, естрадните уметници секогаш се очекува да бидеме беспрекорни кога ќе се појавиме на настап или на некое ТВ гостување, публиката очекува да те види во најдобро светло, и со право, но многу често во животот се случувало да минуваме низ некои тешки периоди, а кога ќе се вклучат рефлекторите да мораме тоа да го прикриеме.

Се сеќавам на мојот последен настап на Валандово Фест во 2017 година, ја пеев песната ,,Сон” заедно со Скопски боеми. Во тој период татко ми го скрши колкот, а на негова возраст ми беше јасно што значи тоа. Пееш, остануваш професионален на сцената, се трудиш публиката да не забележи дека мислите ти се залутани на друго место, а душата ти се кине. Татко ми потоа почина…

Ми се случи и пред договорено гостување во ТВ емисија која оди во живо, кратко пред да тргнам на снимање, ќерка ми се повреди играјќи си, морав првин да ја носам во болница, да санираат рана, па од таму право во студио.

Разговарам со водителот, одговарам на прашања, се очекува од мене да бидам расположена, давам се од себе да не се забележи дека мислите ми се на друго место… Тоа е дел од сите нас, кои сме на сцената, сите некогаш сме минале низ некоја таква ситуација, и сме дале се од себе никој да не примети какви битки водиме во себе – раскажува Јасмина.

Сепак, вели дека и се случило среде настап да не може да ги запре солзите и да и секне гласот пред публика. Тоа било во период додека мајка и се борела со рак, пред да почине.

-Домашните секогаш ми кажуваа дека што и да се случува, јас морам да пеам, тоа ми е работа и дел од животот. Мајка ми се бореше со рак, и ме убедуваше дека морам да заминам на договорениот настап, и покрај тоа што и беше многу лошо.
Излегов на сцената, започнав со репертоарот, и дојде на ред песната ,,Цветините очи черешови”. Кога го изустив стихот –Дали ти е мајка умрела, гласот ми затрепери, нешто ме пресече и јас само се свртев кон музичарите. Очите ми се наполнија со солзи, занемев…
Ама знаев дека морам да останам присебна, дека нема место за емоции, јас бев ангажирана да разубавам нечија веселба со моите песни, да останам професионална и на ниво на задачата. Се прибрав, продолжив со песната… Се е тоа дел од нашиот живот, од секојдневието на естрадните работници – појаснува Гуњова.

Кога во прашање Валандово Фест, настапила седум пати, со песната ,,Суво цвеќе” на Милан Завков добила награда од жири. Вели дека секоја награда која ја освоила во овие три децении и е многу драга, но најголемо признание и е кога за време на настап ќе и пријдат од публика, или кога ќе ја запрат на улица и ќе и кажат дека ги воодушевило нејзиното пеење.

-Наградите никогаш не ми биле мерило за добра песна и за квалитет. Добрите песни и без награда остануваат да траат. Признанието од публика, аплаузот и убавиот збор се она кое ме мотивира и ми показател дека добро сум отпеала и сум допрела до народот – раскажа Јасмина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости