Додека Царовска и Делков садеа дрвце, на Неготино му се кроеше капата за гасна централа!

by Fokus

Истовремено додека вчера министерката за образование Мила Царовска заедно со градоначалникот Тони Делков засадија дрвце во Неготино, за да покажат дека се грижат за животната средина, Владата ја игнорираше пораката на граѓаните дека не сакаат гасна централа за согорување на отпад во нивната општина, и донесе Одлука за утврдување статус на стратешки инвестициски проект на Друштво за трговија и услуги „Зока енерџи солушн увоз“ од Неготино.

За да биде иронијата поголема, садењето на дрвце од страна на секој политички гостин во Неготино е активност од проектот ,,Засади ја својата иднина” на Здружение на граѓани Ековита, поддржан од општината. Истото тоа здружение, на 10-ти јули кога премиерот Зоран Заев дојде во градот да бара поддршка од граѓаните за реализација на инвестиција за отворање на фабрика за обработка на отпад од дури 48 општини, на само пет километри од Неготино, му ја пренесе порака на граѓаните, дека се против изградба на депонија.

Му беа презентирани резултати од анкета на која дури 90 проценти од граѓаните се изјасниле против изградба на гасна централа за обработка на отпад, во градот надалеку познат по лозарството. Средбата се одвиваше зад затворени врати со одреден број на присутни поради ковид мерките, што предизвика револт кај граѓаните, кои не добија шанса да му го кажат своето мислење на премиерот. Потоа, во соопштението кое се објави на официјалната страница на Владата по повод настанот, никаде не беше спомнато излагањето на Ековита, во име на граѓаните, ниту пак пораката која здружението ја пренесе.

Дипломираниот биолог и претседател на здружението на граѓани, Сашко Тодоров беше изоставен и од листата на говорници, која потоа јавно ја објави, обвинувајќи го градоначалникот Тони Делков за игнорантски однос. И денес, како на 10-ти јули по јавната дебата со премиерот Зоран Заев во градот, на официјалната страница на градоначалникот Тони Делков нема објавено ниту еден збор околу настаните кои ги вознемирија граѓаните кои бурно реагираат по вчерашната одлука на Владата. Обвинуваат дека е прекршена Архуската конвенција и потсетуваат дека во Законот за животната средина се регулирани барањата на Архуската конвенција за пристап до информации за животната средина, учество на јавноста во донесувањето на одлуки и пристап до правдата.

Стравуваат за своето здравје и за животната средина, и најавуваат протест доколку не се слушне нивниот глас. Од здружението Ековита ни изјавија дека во тек е состанок со нивното членство, и по завршувањето на истиот ќе бидат објавени одлуките.

Поддршка на граѓаните кои се против изградба на гасна централа во општината им даде и пратеникот Златко Пенков, кој изјави дека неговата матична партија ВМРО ДПМНЕ ќе ги искористи сите демократски алатки и стои зад заложбите да се слуша гласот на народот и да се зачува животната средина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости