Дочекав пензија како пожарникар, сега ќе си го остварам сонот да се докажам и во музика!

by Fokus

Пензионираниот пожарникар од Македонски Брод, Миле Андрески, со својата изведба на регионалното музичко шоу ,,Никогаш не е касно” ја воодушеви публиката, но и професионалното жири, и преку ноќ стекна популарност во соседството. Решен да си го оствари својот животен сон, да има успешна музичка кариера, без оглед на возраста, тој за ,,Фокус” раскажува дека и покрај тоа што е веќе пензионер, сепак верува дека му следат години исполнети со успех на музичко поле.

-На популарното шоу ме пријави син ми, кој исто така е музичар. Јас сум со музиката уште од најрано детство, но животниот пат ми беше таков, што уште од 1985 година започнав професионално да работам во Противпожарната единица во Македонски Брод. Пред две години, по 35 години работа, јас се пензионирав, но мојот сон, да станам познато име во музиката, ми остана –раскажува Андрески, кого жирито вчера го спореди со популарниот Здравко Чолиќ.

Појаснува дека кон крајот на осумдесеттите години ја оформил групата Кале, со која настапувал на разни свечености, а групата и денес постоела.

-Кога синот ме пријави во емисијата, јас искрено, и самиот сакав да учествувам. Желба ми беше да покажам колку можам да постигнам, бидејќи во текот на животот немав убава прилика да се докажам и покажам тука, кај нас. Очекувањата ми се да стигнам до финале во шоуто, а зошто да не и победа. Во вториот круг кој следи, на истата сцена ќе настапувам со син ми, кој ми е голема поддршка и знаеше дека ова што се случува сега, ова претставување пред балканската публика, беше мој голем сон долги години наназад – вели музичарот.

Си спомнува дека цели 35 години, додека бил пожарникар, бил растргнат помеѓу две големи обврски, работата во противпожарната единица и настапите со групата Кале.

-Воопшто не беше лесно… И во тој период, дури снимивме три албуми со групата, имавме настапи на фестивали, а во исто време, паралелно работев на место кое носи голема обврска и одговорност. Имав проблеми со настапи, поради ноќните дежурства, мали доцнења на работа, па дури и кавги со надлежните, но секогаш се завршуваше како што треба.

Ми се случи еднаш, за дочекот на новата година имав договорен настап, а ме ставија да дежурам во трета смена. Не отидов на дочекот, колегите останаа без пејач, па се снаоѓаа како што умееја. Сега, кога сум пензионер, добрата страна е тоа што можам во целост да се посветам на музиката, која секогаш беше моја најголема љубов – ни изјави Миле, чиј настап го привлече вниманието во регионот и за кого денес пишуваат медиумите во соседството.

Вики Клинчарова

Поврзани новости