Добриот рок живее во Неготино, средното име му е „Middle pub“

by Fokus

Во време кога ширум регионот во речиси сите ноќни клубови и кафулиња најчесто гостуваат турбо фолк ѕвезди, вистинска реткост е постоењето на култни рок локали, места каде се уште се слуша стариот добар рок, а едно од нив е „Middle pub“ во Неготино.

Локалот е вистинско изненадување за љубителите на традиционалната рок музика, и е лоциран во срцето на градот, на градскиот плоштад. Функционира околу четири години и важи за збиралиште на оние кои се уште не се откажуваат од својата пасија кон квалитетните звуци и одолеваат на последните комерцијални хирови во музиката.

Во „Middle“ гостите се од сите возрасти. Ги има од помладите генерации, но најмногу се застапени оние родени во осумдесеттите, седумдесеттите, па и шеесеттите години на минатиот век. Автентична атмосфера и амбиент, избор од над 30 видови на пиво, музика во живо секој викенд и гостувања на рок бендови од целата земја е она по кое овој локал е препознатлив.

Зад ова интересно катче стои млада жена, Христина Емшова, која со години наназад е дел од ноќниот живот во градот. Првин започнала со отворање на кафуле во старата чаршија, кое функционирало околу три години. Станува збор за место кое беше со класичен концепт, како и речиси сите кафулиња во земјава, па токму поради тоа, сакајќи да створи уникатно место кое ќе има своја душа, таа се решила да го отвори пабот.

За „Фокус“ вели дека сфатила како во Тиквешијата има голем број на љубители на рок музиката, кои едноставно не се пронаоѓаат во модерните кафулиња, а немаат свое катче. Да се отвори рок место, во време кога на сцената се најзастапени актуелните поп, фолк, рап и комерцијалните новосоздадени жанрови на музика, било ризичен чекор, кој сепак се испоставил како добра одлука. За местото се прочуло за кратко време, па онаа група на луѓе, која ја почитува и следи рок културата, си нашла свое место.

Овде се чести гостувањата на популарни рок изведувачи, но локалот им дава шанса за промоција и на оние, помалку познатите рок бендови, кои сакаат да ја споделат својата музика со гостите. И додека во Неготино, мал град со ограничен број на угостителски локали и ноќен живот, се случува да владее штама во тек на вечерните часови, во „Middle“ најчесто е преполно. Синоќа на пример, таму настапи локалниот рок бенд „Скарлет“, кој имаше еден вид на реунија и во чиј состав има музички образовани членови, кои приредија одлична атмосфера.

Песни од македонската рок сцена, од екс југословенската, па се до легендарните светски рок хитови беа на нивниот репертоар, а пабот исполнет до последно место со гости од сите генерации уште еднаш ја пренесе пораката дека има луѓе кои се желни за квалитетна музика.

-Идејата беше да се створи препознатливо место, да им се даде простор на оние кои не се пронаоѓаат во моменталните хирови, туку се дел од една култура која им одолева на трендовите. Само во Тиквешијата има стотици почитувачи на рок сцената кои се израдуваа на концептот на пабот и ни станаа редовни гости. Доаѓаат и луѓе од страна, драго ни е што во малото Неготино успеавме да створиме, но и континуирано да го одржиме овој специфичен локал во кој живее богатата рок историја – вели Христина.

Вратите на „Middle pub“ остануваат ширум отворени за сите љубители на звуците со безвременска вредност, кои се борат со напливот на шунд музиката, а со постоењето на овој специфичен локал, Неготино се впиша на мапата на градови во кои се негуваат подзаборавените музички вредности.

Вики Клинчарова

Поврзани новости