Добивање државјанство со сведоци е неприфатливо, да најдеме издржано решение, порача Заев 

by Fokus

Премиерот Зоран Заев останува на ставот дека барањето на албанската опозиција со три сведоци да се даде државјанство на тие што се уште имаат проблем да се регистрираат во државата како жители е неприфатливо. Сепак, тој ги повика заедно да отворат дебата и да се најде решение кое ќе биде издржано.

-Сакам да се најде решение. Еве испраќам порака ова прашање кое е заедничко, заедно да го решиме. Благодарам на иницијативите од опозицијата за решавање на прашањето. Но, нека цени јавноста, здраворазумско е да не прифатиме сведоци. Мора да има доказ. А може да ги најдеме доказите, свидетелство, документ дека родителот е роден овде, па со тоа и детето кое е овде пораснато, некое остварено социјално право, пред три или пет години… Еден документ да имаме како материјален доказ, за да не им нарушиме идно право на тие кои ќе ги добијат државјанствата, односно некој да им ги доведе под знак прашалник заради сведочењето, рече Заев.

Според него, тој кој одлучува и го става својот потпис на државјанството не може да го темели тоа на изјава на некакви сведоци. За да стави некој потпис, нагласи премиерот, и да одговара за тој свој потпис, мора да му дадеме аргументи.

-Волја постои. Испраќам порака да седнеме заедно. Конечниот предлог нека е на опозицијата, мнозинството ќе го гласа затоа што тие ја отвориле иницијативата, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Народна Кујна во Шуто Оризари.

Поврзани новости