Добивале социјална помош, но и пари од странство: Ако ги вратиме парите, ќе се храниме по контејнери!

by fokus

Раим Сулејманов, претседател на здружението ,,Тиквешки Роми’’ од Кавадарци апелира до Министерството за труд и социјална работа да им помогне на дваесеттина семејства од Кавадарци, кои што добиле барања за вонсудска спогодба за враќање на пари добиени на нивните трансакциски сметки, по основ на социјална помош. Како што информира Сулејманов, семејствата ги добиле овие барања, бидејќи нивни роднини од странство, одвреме – навреме им испраќале пари, за да им помогнат да се прехранат, бидејќи социјалната помош од околу 2.000 денари не им била доволна за да го поминат месецот.

,,Ова што се случува во Кавадарци  е навистина неправедно, бидејќи дваесеттина ромски, но и македонски семејства, корисници на социјална помош, треба да ги вратат парите добиени на нивните сметки, а се работи за суми од околу 45.000, па се до 55.000 денари. Овие луѓе имаат на располагање помош од околу 2.000 денари месечно, во зависност од тоа колку члена бројат семејствата, а со таа сума, ретко кој може да се прехрани. Затоа, нивни роднини кои што се на работа во странство, им праќале месечно по некој денар, значи не се тоа некои големи суми кои што ги добивале, на пример по 5.000 или 6.000 денари’’ – раскажува тој за ,,Фокус’’.

Вели дека разговарал и со надлежни луѓе од Министерството за труд и социјална работа, и очекува тие да му помогнат да се реши состојбата во која што западнале семејствата.

,,Колку што сум јас информиран, уште во 2016 година преку одредби на Уставот е укината оваа метода, и семејствата не треба да имаат обврска да ги вратат овие пари и да останат без социјална помош. Затоа апелирам до Министерството за труд и социјална работа да се заангажира за овој случај и да им помогне на овие семејства. Без помош од министерството, поголемиот дел од овие роми ќе завршат барајќи храна во контејнерите во Кавадарци. Исто така ја замолувам и директорката на Центарот за социјални работи во Кавадарци, Вања Маневска, која што што за локални медиуми изјавила дека постапиле според законот, да се сретне со мене и да се обидеме да најдеме решение за проблемот. Достапен сум за разговор во било кое време на денот, нашите простории се отворени, и се надеваме дека ќе победи разумот и правдата. Овие семејства едвам врзуваат крај со крај, и сумите кои што треба да ги вратат за нив претставуваат егзистенција. Знам дека никој не би сакал да гледа слики, како роми претураат по контејнерите низ градот, затоа уште еднаш замолувам да се обидеме да најдеме решение’’ – апелира Сулејманов.

Од Центарот за социјална работа во Кавадарци, во телефонски разговор ни кажаа дека директорката Маневска денес не е достапна за разговор, и како тие го немале нејзиниот број од мобилниот телефон.

Вики Клинчарова

Поврзани новости