Добитникот на „Златна камера 300“ Камински: Ќе ја посетам Македонија и ќе пијам мастика

by fokus 11:01
11:01

Не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија и ќе пијам мастика, рече во своето видео обраќање на македонски јазик синоќа на 41. издание на „Браќа Манаки“ годинешниот лауреат на „Златна камера 300 за животен опус“, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематограф.

-Здраво пријатели, како сте? Огромна чест ми е што сум добитник на Наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка. Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Ви честитам. Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија и ќе пијам мастика. Не дека сум некој голем пијач, но сакам да дегустирам различни видови алкохол, рече  Камински.

- Advertising -

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов.

Заблагодарувајќи се за наградата Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите. Тој испрати порака до политичарите.

-Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да скренам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

На вчерашното одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кое се одржа во Музеј и завод Битола пристигнаа почитувачите на фестивалот од Битола, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност. Пред присутните гости се обрати покровителот на фестивалот, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

 

 

 

Поврзани новости