До Управен суд досега поднесени вкупно 76 тужби од две политички партии

by Fokus

Тужби по решенијата на Државната изборна комисија за отфрлање на приговорите поднесени од политичките партии за предвремените парламентарни избори до Управниот суд досега поднеле само Интегра и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Интегра има поднесено една, а АА и Алтернатива 75 тужби, кои Управниот суд треба да ги разгледа на јавна седница во рок од 60 часа од нивниот прием.

Левица и ВМРО-ДПМНЕ, исто така, најавија дека ќе поднесат тужби до Управен суд по решенијата од Државната изборна комисија за отфлање на приговорите за изборни нерегуларности. Рокот за поднесување тужби до Управниот суд е 24 часа откако политичките партии ќе ги добијат решенијата од ДИК.

Портпаролот на ДИК Адмир Шабани, вчера информираше дека до 14 часот решенијата од Комисијата за отфрлање или одбивање на приговорите ги подигнале претставници на Алијанса за Албанците и Алтернатива, на Интегра, на МОРО, на Демократи и на Левица, појаснувајќи дека доколку некоја од партиите не ги подигне решенијата, ДИК им ги испраќа по електронска пошта.

По пет часа од испраќањето, посочуваат од ДИК, се смета дека решенијата им се уредно доставени на партиите.

По одлуката на Управниот суд, за заштитата на избирачкото право, во ДИК, согласно законот, Комисијата ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе им издаде уверенија на избраните пратеници. Крајот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.

Поврзани новости