До 15 август судиите на одмор, дел од судењата на пауза

by Fokus

Големите судски процеси, како на згаснатото СЈО и на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, нема да се судат наредниот месец. Причина за ова е судската ферија, која трае до 15 август.

Случаите „Титаник“, „Монструм“, „Дурмо Турс“, „Меѓународен сојуз“, меѓудругите и судењето за нарачателите на собраниските инциденти нема да се судат во судска ферија. Овие судења ќе продолжат по 15 август, а некои од нив во септември. Сепак, рочишта во Кривичниот суд во судска ферија ќе има. Ќе се судат предметите каде обвинетите се во притвор, судења со обвинети странци, како и итни или времено врзани прекршоци.

Дополнително, во периодот на судска ферија до 15 август, судиите согласно распоредот за работа и користење годишни одмори, во континуитет ги насочуваат овие предмети се со цел доследно почитување на правата на странкитите во постапките и начелото за судење во разумен рок, соопштуваат од Основен кривичен суд Скопје.

Само во втората половина на јули, откако почна судската ферија, во скопска „единица“ се закажани 133 судења. 112 од нив се во одделот Кривично полнолетни, а 21 судење се закажани во одделението за гонење на организиран криминал и корупција. Во судската ферија се работат и истрагите. Може да има распит на осомничени, ако за нив се бара притвор.

Инаку, во кривичен два и пол месеци судиите не работеа поради пандемијата со корона вирусот. Тие од средината на март беа на принуден одмор. Тогаш се судеа само притворските предмети и  оние поврзани со непочитување на мерките за заштита од ширење на пандемијата. Целата оваа ситуација придонесе за дополнително одолговлекување на судењата. За дел од предметите годинава се одржаа само неколку рочишта, за кои во нормални услови можеше да се очекува веќе да бидат во завршна фаза.

Поврзани новости