До 14 часот во МВР пристигнале 26 пријави за изборни нерегулрности

by fokus

Од МВР досегашниот тек на изборите го оценуваат како мирен, односно заклучно со податоците до 14 часот, констатираат дека нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.

Еве го соопштението на МВР во целост:

Сумарно, во периодот до 14 часот примени се уште 19 пријави по однос на изборни нерегуларности (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг) што севкупно со пријавите заклучно до 11 часот изнесуваат 26 пријави, додека пак евеидентирани се и уште 10 прекини на гласање на одделни избирачки места каде што после консултации и краток застој од по 15 до 20 минути гласањето е продолжено.

Исто така од досегашните активности по пријави од граѓани – осум пријави се веќе расчистени (две во радовишко, четири во валандовско и две во струмичко) и тие се отфрлени како неосновани. Потоа, во два случаи идентификувани се лицата за кои се однесуваат пријавите и се работи на целосно расчистување на тие пријави. Во еден случај, во Струга, идентификувано е лице по однос на пријава за поткуп на гласачи и се прават консултации со надлежен Јавен обвинител при ОЈО Струга, а во Кавадарци едно лице е лишено од слобода (гласал и во име на неговата сопруга) и се работи на расчистување на случајот.

Во врска, пак, со нарушениот јавен ред и мир во близина на ОУ “Петар Здравковски Пенко“ – и овој случај  е расчистен, а против лицата Г.Н. (32) и Г.Т. (48) ќе бидат поднесени прекршочни пријави согласно член 11 (“тепачка“) и член 6 (“нарушен ЈРМ со оддавање на пијанство“) од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Покрај ова, денеска (15.10.) НККР Кочани поднесе кривична пријава против лицето С.А. (36) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело – “поткуп при избори и гласање“ предвидено по член 162 ст.1 од КЗ на РМ. Пријавената на ден 14.10.2017 година околу 13,00 часот отишла во домот на  В.Р. од Кочани и и понудила 1.000 денари за да гласа за одредена политичка партија на локалните избори, ветувајќи и и друга лична корист со образложение дека имала добри врски во Скопје и луѓе на функција, со намера да ја придобие да го изврши избирачкото право во полза на политичка партија.

Инаку, евидентирана е и една кражба на избирачко место во Шуто Оризари во ОУ “26 Јули“. Имено во периодот од 06,00 до 09,30 часот на избирачко место бр.2957 непознат сторител од чанта на оштетената Ј.И. (службено присутна на тоа избирачко место) одзел паричник во кој имало 1.200 денари и други лични документи и платежни картички на оштетената. Се работи на расчистување на случајот.

Поврзани новости