ДКСК го оспори пред Уставен суд Законот за коридорите 8 и 10Д

by Fokus

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ја достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Македонија, со посебен предлог за издавање времена мерка за стопирање на неговата примена се додека судот не се произнесе, потврдија за МИА од Антикорупциска.

За Законот, што веќе е објавен во Службени весник, од ДКСК по извршената антикорупциска проверка, оценија дека е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Сметаат дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Поврзани новости