Дивоградбите од „Скопје 2014“ нема да се легализираат

by fokus

Дивоградбите од „Скопје 2014“ нема да бидат опфатени ниту со новиот закон за легализација на бесправно изградени објекти, а не се планира да се легализираат ниту дивоградбите во заштитеното подрачје согласно управувачкиот план во охридскиот регион заради УНЕСКО. Со нелегализирањето на самите вакви објекти се очекува да завршат правните постапки за да има нивно отстранување, изјави премиерот Зоран Заев.

Околу новиот предлог-закон за легализација на бесправни објекти, Заев рече дека остануваат на своите принципи, да ја слушаат јавноста.

– Владата го овласти министерот за транспорт и врски да отвори јавна дебата со граѓанските организации и парламентарните групи и сите тие укажувања да бидат вградени. Прво тоа што стига од граѓаните, граѓанските организации и дел од пратениците е можноста за легализирање на куќите како дом за живеење, односно сите куќи кои што се дом за живеење, заклучно со 1 мај 2021 да добијат можност за легализација. Второ укажување коешто стига е целосна забрана во националните паркови и заштитните посебни региони, каде што во националните паркови имаме строга заштита, имаме условеност и одржлив развој. Недовербата во институцијата да даде позитивно или негативно мислење за градење или легализирање во заштитени подрачја и национални паркови ја слушнавме од граѓаните и затоа имаме намера да ја прифатиме сугестијата за строга забрана во националните паркови и заштитени подрачја на строга заштита и втората зона на условената заштита, посочи премиерот.

Тој додаде дека даваат можност за оние кои имаат објект, што не е колективна зграда или дом за живеење, да го легализираат со плаќање на двојно поголема сума, отколку ако тоа се спровело по регуларна постапка.

– Државата треба да продолжи да ги решава проблемите на граѓаните. Најлесно е да кажеме не легализираме, но мора да се дадат одговорите што со бесправните градби. Навистина се многу повеќе од 50 000 објекти, посочи Заев.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали пред да се поднесе законското решение ќе се направи кетегоризација на дивоградбите, односно собирање податоци за нивен точен број, рече дека не е сигурен дали општините имаат такви капацитети да можат денес да прават регистри коишто ќе траат месеци и години.

– Ние ќе донесеме закон којшто ќе биде уште порестриктивен. Јас верувам дека ќе се согласиме сите политички партии во Собранието, заедно со НВО, кој што ќе биде прифатлив за граѓаните, а веднаш потоа сите граѓани коишто ги исполнуваат сите услови ќе можат да аплицираат до матичните општини за нивните објекти да бидат ставени во правна рамка и тогаш при нивната апликација ние ќе ги преброиме колку се тие објекти, колку исполнуваат услови, ќе бидат решени, а оние кои не исполнуваат услови ќе бидат одбиени. Така да сметаме дека со затекнатото законско решение коешто ќе го донесеме ќе придонесеме да да се увиди при апликацијата колку од тие објекти можат да бидат ставени во правна рамка, истакна Бочварски.

По ветото на претседателот, Стево Пендаровски и реакциите во јавноста Владата го повлече Законот за легализација на дивоградби на доработка.

Поврзани новости