ДИВОГРАДБА

by Fokus

Од БИЛКА и останати здруженија стоиме на располагање да помогнеме за пишување амандмани, кога се работи за општо добро. Во спротивно ќе ја легализираат дивоградбата онака како што ја легализираа дивоградбата Северна, насилно и шверцерски преку ноќ!

Пишува Јанаки МИТРОВСКИ

 Пред една недела, консензуално, со отворен договор СДСМ,  ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беше донесен Закон за легализација на дивоградби. Со овој Закон е предвидено да може да се легализираат дивоградби и во национални паркови и заштитени подрачја. Со цел да го оправда она што никако не може да се оправда, власта не информира дека со ова се помагало на 50.000 граѓани да ги задржат домовите, и дека доколку Законот не помине, веднаш ќе требало да се руши!

Се работи за перфидна и долна манипулација. Кој забога им верува на СДСМ дека таргет им се сиромашните граѓани, а не политички моќните велможи? Зарем има таков кој верува дека поентата не е легализација на диво и криминално стекнатото, туку трошни куќи на сограѓани? Би помислил ли некој за миг дека со Законот се сака да им се помогне на Јанко, Петко и Митко а не Нефи, Стевчо и Латас?

НАПУМПАНА БРОЈКА

Спорна е и бројката со која се барата. Од каде ја извадија, врз основа на која студија или евиденција? Пресумпција ми е дека се работи за интенционално напумпана бројка со цел да се игра на емоција, а еве и зашто. Веќе имаше десет години сличен закон, кој патем СДСМ го критикуваше. Секој граѓанин кој имаше потреба по исклучително поволни услови си ја легализираше дивоградбата, вклучително и моите родители кои ја легализираа семејната куќа изградена 1982 година.

Повеќе од јасно е дека бројката не е нималку блиска до јавно кажаната туку со истата се манипулира јавноста. А уште поперфидна е манипулацијата дека ако законот не поминел “веднаш ќе требало да се тргне во рушење на 50.000 домови”. Морее каков нихилизам! Ова е секако гнасна лага. Четири години власт, не срушија ништо. Нефи си изгради пицерија во сред Охрид и им се смееше во лице. УНЕСКО прети со одземање на статус на Охрид, премиерот на трибина го теши чичко Никола дека ќе најде начин да му ја легализира дивоградбата, макар и противправно. Ама сега багерите биле спремни, а суспензивното вето на Стево ги запалило. Дрн дрн Милојко!

УЛТРА ШТЕТЕН ЗАКОН            

Шара е целата исшарана од нова населба дивоградби-викендици. Нив сигурно не ги градел сиромашен народ. Охридското крајбрежје е силувано, гарант од просјаци. На очиглед на сите на Матка има дивоградби, Градот глуми лудило. На Скопје маме му е*аа што би рекол Амди, никој никогаш не одговараше. И сега ни продаваат басни.

Против Законот гласаа само ЛДП, ДОМ, Левица и Мизрахи и Силјановска од ДПМНЕ. Вкупно шест од 120. Изостана преплавување со амандмани, кои во услови кога противникот има 80 беше единствеиот начин да се спречи овој ултра штетен закон. За ова им замерив на ДОМ и Левица со кои имам контакти. Од ДОМ велат дека тоа ќе го сторат сега. А ако Претседателот потпишеше? Во Левица се супер алергични на критика колку год добронамерна, и тоа секогаш се сфаќа како плукање или “личен анимозитет кон Димитар” како што не испушти да истресе член на Президиумот, чие име не го знаете, бидејќи таму никој друг не смее да се профилира.

Свесен сум дека овие две партии се мали и по финансии и по партиска инфраструктура. Затоа сме на располагање БИЛКА и останати Здруженија кои ќе помогнеме за пишување амандмани кога се работи за општо добро. Во спротивно ќе ја легализираат дивоградбата онака како што ја легализираа дивоградбата Северна, насилно и шверцерски преку ноќ!

Поврзани новости