Диви депонии го угушија Дебарско Езеро

by fokus

На Дебарското Езеро му се заканува еколошка катастрофа, предупредуваат еколошките здруженија. И оваа година, со зголемувањето на нивото на реката Радика, околните диви депонии се излеаа и го „угушија” езерото.

Најмногу пластичен отпад е собран кај селото Долно Косоврасти, каде што Радика се влева во езерото, како и кај Мелнички Мост.

Активистите алармираат дека мора да се најде решение за организацијата и транспортот на отпадот и еднаш за секогаш да се реши овој еколошки проблем.

– Потребна е поголема ангажираност на локалните власти на трите општини во соработка со Министертвото за животна средина и просторно планирање, за да се најде конечно решение за овој проблем, зашто се повторува…Пред неколку години екологистите од трите општини Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше, покренавме иницијатива за поставување челични мрежи кај Мелнички Мост, каде што би се собирал отпадот и тој секојдневно со чамци би се вадел и фрлал во депонијата во Дебар. Но, се остана само како идеја- вели Газменд Цами, претседател на дебарското еколошко друштво „Дешат“.

Според него, неопходно е под итно да се организира собирање на отпадот во околните населени места, каде што на секој чекор може да се видат диви депонии, кои при најмал дожд се влеваат во езерото.

Поврзани новости