Дискусија: Старата скопска чаршија изумира, надлежните си играат архитектура

by Фокус 12:10
12:10

Според Мухедин Брава, претседател на здружението „Еснаф“ политичките гарнитури покажуваат нечувствителност кон чаршијата, па така граѓаните и еснафот принудени се сами да се борат за обезбедување на неопходните услови за опстојување на чаршијата.

-Јас доаѓам од микросредина каде горд сум што таму опстојувам. Таму сум од мојата 9 годишна возраст. Во тоа место се чувствувам најбезбеден. Мотото, карактеристиката на Старата скопска чаршија е обидинети во различност. Јас од моите мајстори Македонци, Турци, Роми, Бошњаци ги дознав сите празници. Истото го знаат и еснафот Македонци. Доаѓаат сите да ми честитаат за празникот Рамазан.

- Advertisements -

Последните 30 години чаршијата падна. Бидејќи политиката секогаш била немарна, а во некои моменти нечувствителна на барањата, еснафите одлучија 2006 – 2007 сами да формираат невладина организација и сами да се борат за Скопската чаршија и борбата и ден денеска ни трае, вели Брава.

Анжелика Апсис, сопственичка на кафе барот „Дамар“ во Скопската чаршија вели дека тоа место треба да се препушти да го води еснафот, а политичарите д асносат одговорност за сто она што се случува таму.

– Секогаш еснафот е тој што ја држи чаршијата жива. Политичарите се интересираат само тогаш кога ќе почне нешто да се случува и тоа е најскапата играчка и мислам дека сите градоначалници до сега сносат одговорност за сето она што се случува во Чаршијата. Во последните две години, законите во чаршија не важат поеднакво за сите. Нашиот „Дамар“ секојдневно беше малтретиран од полиција.  Од сите градоначалници и политички партии  беше гарантирано дека може да работиме, колку сакаме само да се вратат луѓето во чаршијата, додека се вратија луѓето. После почнаа инспекции, тортура од полиција, после тоа градоначалникот си ја отвори „Коце Кабана“ на самиот кеј, па за да го одврати народот од Чаршијата, почна да прави притисок да затвораме во 11 ипол, за народот да се симнува покрај палмите. Така да, сега мислам дека чаршијата моментално ги живее најлошите денови. Не работи ниту Комисијата за заштита на споменици, а чаршијата е масакрирана.

Најбитно од се е дека еснафот да ја води чаршијата. Пак да заживееме мислам дека многу тешко ќе биде тоа. Мислам дека тоа е веќе толку многу агресивно нападната така да многу локали го напуштија местото, доаѓаа нови луѓе кои наметнуваат нови стилови, рече Апсис.

Арта Кула раскажа за почетоците и мотивот за отворање на кафуљето, кое подоцна беше мета на напади.

-Можам да кажам дека првата младост ја живеев во чаршијата и затоа посакавме да си ја повторивме младоста. Нашата идеја беше да се повтори таа убава младост која ја живеевме со многу луѓе од различни етникуми. Затоа и на нашиот локал му го дадовме името Дамар, што значи главната вена која што пулсира и тоа е симболика дека чаршијата треба да заживее и повторно да им дадеме шанса на новите генерации, вели Кула.

На дискусијата се приклучија и присутните граѓани во Кампот на слободата пред Владата. Дел од нив прашаа што се случува со постапката за нови унифицирани излози, а дадоа и идеја за покренување на петиција за зачувување на автентичниот изглед на чаршијата, заедно со нејзините излози.

-Едноставно не можеме со политиката да се разбереме. Ние бараме во чаршијата да се направи добра анализа, не може парцијално да се работи таму. Ние во последно време добиваме архитектура на метри квадратни. Ние не сме за тоа. Ако се толку институции во неа вклучени ние бараме и граѓаскиот сектор да биде вклучен. Скопската чаршија им припаѓа на граѓаните и тие мора да го дадат своето мислење каква чаршија сакаме. Бараме да се направи еден единствен урбанистички план за чаршијата, а притоа да се задржи автентичноста. Одеднашка ни никнуваат и нови инциденти и никој не знае како тоа се случува.   Нашиот став е дециден дека ние не прифаќаме такво нешто. Тука е милината на Чаршијата, секој дуќан ја имаа својата душа, не може сите да ги направиш исти, рече Брава.

Вчерашната дебата се одржа во Кампот на Слободата пред Владата, каде граѓани од цела Македонија 41 ден спијат на отворено небо, барајќи оставка од премиерот и одговорност од целата власт по серијата коруптивни скандали објавени низ политичките бомби на опозицијата. Секоја вечер во антивладиниот камп се дискутира на одредена тема, при што луѓе од областа кој е предмет на дискусија, заедно со граѓаните ги лоцираат проблемите во одреден сектор, но и нудат предлози и решенија за подобрување на состојбите во иднина.

 

 

 

 

Поврзани новости