Директорот на училиштето ,,Ѓорче Петров”: Го каниме Мицкоски да види дека не дресираме магариња, туку имаме обука за ученици и наставници!

by Fokus
Одобрените проекти од страна на програмата Еразмус, за средното училиште „Ѓорче Петров” од Кавадарци кои уште ја брануваат јавноста, очигледно се извадени од контекст, со цел да ни се наштети и да ни се наруши угледот, како на училиштето, така и мене лично како директор на оваа сериозна установа. Веќе подолг период молчев, дадов едно кратко соопштение во кое се обидов да и појаснам на јавноста за што точно станува збор, но гледам, реакциите не стивнуваат, а се продолжува со ширење на невистини. Затоа, преку „Фокус” сакам конечно сите да ја слушнат вистината за овие проекти – вака го започнува разговорот Горан Велковски, директор на училиштето на кое му беа одобрени средства за обука на ученици и наставници од Националната агенција.
Вели дека од објавите кои се актуелни во медиумите, се наметнува впечатокот дека средствата веќе се земени, а всушност училиштето не добило ниту денар. Појаснува дека според редовната процедура, кога ќе заврши пандемијата, би требало да се добијат тие средства, кои се користат за теоретска и практична обука на 35 ученици и пет наставници од земјоделско – ветеринарна струка за фармерско одгледување и ветеринарна заштита на магариња со крајна цел добивање на производ, млеко од магаре, свежо и во прав сирење, сапун, лосион, козметика. Обуката била предвидена да се одржи во Иваниќ Град во Хрватска, во траење од 16 дена.
-Покрај обвинувањата кои се без основа, за обуката за магариња, или како што на многумина им беше полесно да шират шпекулации и да ја нарекуваат дресирање на магариња, што е апсолутна невистина, тука се и неоснованите реакции и шпекулации и за проектот ,,Избери сирење”. Значи, овој проект предвидува теоретска и практична обука и настава за 76 ученици, наставници и обучувачи од пет различни субјекти, и тоа нашето училиште, СУГС Браќа Миладиновци – Скопје, Ветеринарна станица ,,Здравје” -Делчево), Р. Хрватска (Средно Земјоделско Училиште – Крижевци) и Р. Грција (Гастрономски клуб – Епир), во вкупно траење од 20 дена во три циклуси во сите три држави за напредно еколошко производство во мал обем на кравјо,овчко и козјо млеко и сирење. Основната цел на проектите е да се подобрат знаењата и вештините на учениците и наставниците и да се зголеми вработливоста на младата популација во руралните области – појаснува директорот.
Додава дека уште од 2013 година нивното училиште реализирало голем број на слични проекти од областа на шумарството и ветерината, а пак други средни училишта тоа го правеле и неколку години пред нив.
-Лошо е тоа што на штета на учениците и на училиштето, има обиди целата оваа работа да се исполитизира. Овде нема место за политички препукувања и реваншизам и добивање на политички поени. Секој денар добиен за проектите подлежи на надзор, не се тоа средства кои некој би можел да ги стави во џеб, како што многумина се обидоа да прикажат, бидејќи се е регулирано според строго утврдени процедури.
Имам една порака до сите кои се обидоа да ја извртат целата слика за овој настан, посебно до лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој дури и на протестен собир ги стави магарињата во уста и се обиде да ја манипулира јавноста и да извртува факти околу проектот, чии придобивки одат на сметка на учениците. Ова не се напразно потрошени средства, а во случајов не се ниту добиени, туку само одобрени! Не смее да се потценува ниту една професија, било да е тоа шумарство, сточарство, ветерина! Која е пораката која им се праќа на учениците кои ги избрале овие струки? Би го поканил Мицкоски, заедно со сите на кои не им се јасни деталите, а кои предвремено судат, да повелат на обуката. Нека ни бидат гости, за да им стане појасно за што станува збор. Секако, тоа би требало да се случи кога ќе помине пандемијата, па нека се уверат самите дали ние ќе дресираме магариња, или ќе обучуваме ученици, на кои тоа им е струката и им е потребно искуство и практична обука. Кога се изучува ветерина или пак шумарство, нормално е да се зборува за магариња, крави, коњи, производи од животински потекло или пак за растенија. Не е убаво со сила да се наметнува нешто кое е извадено од контекст, бидејќи им се прави штета на сите засегнати, посебно на учениците кои оваа струка ја избрале за животен повик. Не смее со потценување да се гледа ниту на една професија, посебно не за оние струки кои се важни во руралните средини – потенцира Велковски.
Уште еднаш појасни дека парите не се потрошени, бидејќи не се ниту добиени, затоа што сите слични активности се стопирани до завршувањето на пандемијата.
Вики Клинчарова

Поврзани новости