Директорот на неврохирургија Чапаровски на распит пред обвинител

by fokus

По речиси 24 часа поминати во полициска станица, директорот на Клиниката за неврохирургија Александар Чапароски, е изведен пред јавен обвинител, кој по разговорот со него треба да одлучи дали ќе побара да му се одреди мерката притвор.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека по извршениот распит на обвинителот со осомичениот, во текот на денот, ќе следуваат повеќе детали за вчерашната акција на МВР.

Како што дознава „Фокус“, при претресот во канцеларијата и домот на директорот Чапаровски била пронајдена поголема сума на пари, односно околу 30.000 евра во неговата канцеларија и 10.000 евра во неговиот дом.

Чапароски вчера беше уапсен по пријава на граѓанин, односно тој пријавил во полиција дека му побарал 1.000 евра за издавање на потврда со која неговото малолетно дете требало да замине на лекување во странство.

-Постапувајќи по пријава од граѓанин, а врз основа на издадена наредба од Основното јавно обвинителство Скопје, како и обезбедени материјални докази дека е извршено кривично дело „примање поткуп“, го лиши слобода лицето А.Ч. (57), директор на Клиниката за неврохирургија во Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“. Во тек е претрес  во службените простории на Клиниката со цел обезбедување дополнителни докази за стореното кривично дело. А.Ч. е задржан во полициска станица и по завршување на истражните постапки со кривична пријава ќе биде предаден на Основното јавно обвинителство Скопје, се наведува во официјалната информација на МВР.

Поврзани новости