Директорот на МЕПСО : Има недостаток на струја, за октомври ќе треба да ѝ платиме на Европа 15 милиони евра

by Fokus

Ниту производството, ниту пак увозот на електрична енергија не можат да ја покријат потрошувачката во земјава, вели директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани. Тој во интервју за Телма вели дека енергетката криза во земјава е реалност, односно се троши двојно повеќе од што се произведува.

Она што го открива Рамадани е и дека земјава досега добила четири опомени за ненајавени преземање на електрична енергија од европската мрежа.

И на крајот вели дека, ова само за еден месец може да го чини МЕПСО 15 милиони евра, пари кои компанијата ги нема на сметка.

-Имаме недостаток на електрична енергија. Според првичните извештаи, во секој час колку се произведува електрична енергија, еве конкретно за 23 октомври ситуацијата е следна: произведени се 500 мегавати, а конзумацијата е 1 000 мегавати. Ако тука се додаде и увозот, ќе се добие дека 315 мегавати ни фалат во мрежата, вели тој.

Директорот на МЕПСО објаснува дека во такви случаи се презема енергија од европската мрежа и досега земјава тоа го наравила четири пати без најава и добила четири предупредувања од Центарт во Швајцарија каде што се прават пресметките.

-На 15 минути се следи кој колку отстапува од мрежата, и не е дозволено така да се презема, освен во случај на хаварија. А ние, знаејќи дека немаме хаварија, се знае дека преземаме за потрошувачите, што не е дозволено, вели Рамадани за Телма.

Според пресметките за ваквите преземања МЕПСО треба да плати досега околу 10 милиони евра. Рамадани вели дека сметката ќе стаса околу 5-ти следниот месеци, и ако продолжи овој тренд до крајот на октомври, можно е таа сума да достигне и 15 милиони евра кои МЕПСО треба да ги плати околу средината на ноември само за еден месец.

-Отстапувањата секојдневно растат. Оваа енергија треба да ја платиме. Ние од преносната тарифа имаме вкупен годишен приход од 30 милиони евра, ова е голем удар врз ликвидноста на МЕПСО, тие средства апсолутно ги немаме на сметка за да ги исплатиме кон Европа, вели директорот Рамадани, кој додава дека ситуацијата ќе стане полоша во земските месеци кога ќе се зголеми потрошувачката на струја и ќе треба да се презема уште поголемо количество на енергија.

Поврзани новости