Дино Мерлин: Немам грижа на совест бидејќи имам брод, доживеавме од сиромаштија до кавијар и шампањ!

by fokus

Един Дервишхалидовиќ, познат како Дино Мерлин е еден од најпопуларните и најплатени музичари во регионот, со децении наназад.

Босанскиот пејач чии песни преку ноќ стануваат хитови, и кој е чест гостин во сите поранешни Југословенски републики, ретко зборува за својот приватен живот, а досега во јавност е објавена само по една фотографија од неговите деца, синот Хамза и ќерката Надиа. Тие се веќе возрасни личности, кои не сакале да се експонираат. Надиа има кариера во областа на компјутерските науки, а пак Хамза студирал менаџмент и политички науки, и е дел од менаџерскиот тим на неговиот татко.

 

 

 

 

 

 

 

 

И сопругата на Дино, Амела, со која е од својата 17-та година, е енигма за јавноста. За цели 43 години, откако се заедно, досега се појавија едвај неколку фотографии од неа во медиумите.

Во едно од ретките интервјуа во кои зборува за приватниот живот, тој откри дека имал сиромашно детство, а пак Амела доаѓала од добро ситуирано семејство. Токму поради тоа што нејзините родители сметале дека тој нема да може да се грижи за неа и да и пружи сигурен живот заработувајќи од музика, многу се противеле на нивната врска, а потоа и на бракот. Попуштиле шест месеци откако парот се венчал.

Пејачот се присетува и на неговата прва турнеја низ поранешна Југославија, кога се вратил дома гладен и без денар во џеб. На врата го дочекала Амела со ќерката Надиа во раце, и му кажала дека нема пари ниту за млеко.

-Надиа имаше шест месеци, а Амела беше при крај со студиите по архитектура. Имав големи трошоци околу турнејата и не заработив ништо. Ќе дадев се на светот да можев да и кажам дека барем донесов пари за млеко… Но, љубовта ги победи сите искушенија. Доживеавме се, од сиромаштија до кавијар и шампањ!-раскажува музичарот, потенцирајќи дека семејството и љубовта со Амела му се најсвети, и дека е еден од оние мажи кои секогаш ги памтат важните датуми.

-На осми август 1979 година Амела за прв пат ми кажа дека ме сака. Тој датум секоја година ми е како празник – открива тој.

Околу тешкото детство и младост, вели дека дури кога станал возрасен за прв пат го видел морето.

-Немав можност да го видам морето долг период, бидејќи живеевме тежок живот. Сега, кога се си дојде на свое место, имам можност и да пловам. Не чувствувам грижа на совест ниту поради бродот кој го имам, ниту поради љубовта кон морето-изјави тој за босанскиот медиум Аваз.

Мерлин последен пат гостуваше во земјава за дочекот на 2020 година, на плоштад во Скопје. Шпекулациите дека пеел за сума од околу 100.000 евра никогаш не беа потврдени од тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кој изјави дека Мерлин е платен од спонзори, а не од општината.

Во август годинава пак, музичарот имаше еден од најскапите концерти на Балканот, кога настапи во Порто Монтегро јахт клубот, во Тиват, Црна Гора, а влезниците се продаваа  по цена од 2.500 евра.

На најскапиот музички настан на Балканот тогаш присуствуваа тенисерот Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена, актерката Марија Каран, кошаркарот Тадија Драгичевиќ, новинари и многу бизнисмени од регионот, кои во текот на цела ноќ објавуваа фотографии и видео снимки.

Вики Клинчарова

Поврзани новости