Диневски девет дена штрајкува со глад, здравствената состојба му се влошила

by Фокус

Веќе втора недела како е објавена пресудата за процесот „Шпион“, во која екс разузнавачот Александар Диневски беше осуден на 4,5 години затвор. Неговото семејство тврди дека во знак на протест, Диневски веднаш по пресудата почнал штрајк со глад, кој трае девет дена досега, а неговата здравствена состојба се влошила.

Екс разузнавачот, преку член на семејството испрати порака до медиумите во која објаснува дека процесот е политички монтиран, а тој немал правично судење.

– За време на процесот беа неколку пати повредени уставните и човековите права. Сведоци на ова се обвинетите и нивните бранители, како и претставниците меѓународните организации кои ги следеа рочиштата. Како пример за ова политичка монтажа е фактот што не ми беше соодветно дозволено да ги дадам завршните зборови. Судијата ме прекина неколку пати, што е против уставните прописи и човекови права, се побунив и на крајот останав последен, иако не сум последно обвинет и сам да ги давам заборовите пред обичен службеник на судот, додека другите ја напуштија судницата! Против мене не изнесоа никаков докази, ниту сведоци, ниту пак ме имаше на материјалите од посебните истражни мерки – се наведува во испратената порака од Диневски.

Тој уште додава, дека повеќе од 10 години е без работа и немал пристап до никакви информации. Диневски бара да биде ослободен од притвор.

– Мојот сведок кој го повикав, јасно и јавно кажа дека спорните документи се лично негови и дека копии од истите има со години на интернет порталите. Исто така, за време на целиот судски процес, обвинителството не кажа за која странска служба сум работел и ги повикувам сега, по пресудата, да го кажат тоа доколку воопшто знаат. Како причини за овие нечовечки и крајно злобни процеси против мене ги сметам моите политички ставови, како и некои мои детективски истраги – се наведува понатаму во пораката.

Како што велат од семејството на Диневски тој штрајкува не само за себе, туку за сите политички затвореници во Македонија.

Поврзани новости