Дина Јашари в петок на „Звукот на Скопје“: Возбудена сум што ќе свириме дома

by Fokus

Дина Јашари е дефинитивно најголемото освежување на новата македонска музичка сцена. Таа заедно со бендот кој, како што самата го нарекува „Дина Јашари и другари“ во рамките на манифестацијата „Звукот на Скопје“ ќе настапи истата вечер со Констракта – в петок (16 септември) на плоштадот „Мајка Тереза“ (пред Филхармонија).

-Како и на секој мој настап ќе ги свириме моите песни во полн состав со мојот бенд кој јас си го нарекувам „Дина Јашари и другари“. Возбудена сум што ќе свириме дома, затоа што повеќето настапи годинава ми беа во околните балкански држави, изјави Јашари во интервју со Весна Дамчевска за „Скопјекулт“, градскиот културен водич.

Извонредниот пристап кон пишувањето песни, прекрасните сонливи аранжмани, емотивни лирики, современа, модерна и свежа продукција и секако, хипнотизирачките настапи во живо со полно право ја ставаат Дина на пиедесталот на новата локална музичка сцена.

-Мислам дека ние младите/новите артисти немаме друг избор освен да бидеме свежи. Треба да носиме нова квалитетна македонска музика на оваа сцена, што веќе гледам дека се случува и многу ми е мило за тоа, вели Јашари за „Скопјекулт“.

Минатата година, покрај бројните настапи, го издаде своето прво EP насловено „Дома“ кое ја зацврсти на мапата како една од најталентираните млади артистки на Балканот. Дина Јашари во 2022 реализираше и 3 мини турнеји и забележа настапи во култни концертни простори како Кино Шишка – Љубљана, А38 – Будимпешта, Мочвара – Загреб, КЦ Град – Белград….

Поврзани новости