Димовски за 27 април: Не се сеќавам дали сум имал контакт со Јанакиески или Ристовски

by Fokus

Седницата, дента на 27 април наликуваше дека ќе заврши како и претходните денови, особено по барањето на СДСМ да биде прекината во 18 часот и да продолжи следниот ден, изјави поранешниот пратеник Илија Димовски, сведочејќи на судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

На почетокот Димовски, рече дека во 2017 година бил пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборуваше за свикувањето и текот на Конститутивната седница, за праксата за координативни состаноци и процедурите за пријавување за збор на пратениците.

– Има пракса пред конститутивната седница претходниот претседавач со Собранието да свика координативен состанок. Така беше и тогаш, како и 2014, како и сега во 2020 година, изјави Димовски.

На таа координација, посочи тој, не можеше да се постигне договор за составот на Комисијата за избори и именувања.

– Спорот беше за тоа кој ќе претседава. Пракса беше, предлогот да го даде најголемата пратеничка група, но поради впечатокот дека нема обезбедено мнозинство, тоа бараше да го направи и втората по големина пратеничка група СДСМ. Поради тоа на седница се отиде без предлог, изјави Димовски.

За ова и за други спорни прашања, рече Димовски, континуирано постоеше комуникација меѓу пратеничките групи за изнаоѓање решение.

– Така беше и дента на 27 април, и се наликуваше дека ќе заврши како и претходните денови, особено по барањето на СДСМ да биде прекината во 18 часот и седницата да продолжи следниот ден, изјави Димовски.

Седницата по мое мислење заврши по пеењето на химните, но посочи Димовски, додека се пакувавме пратениците од СДСМ останаа во салата.

– Тоа не затекна и ние останавме да видиме што ќе се случи. Да, постоеше набој во салата, но пратениците се исконтролираа и не дојде до никаков допир, рече Димовски.

За постапката за изборот на претседател на Собранието што потоа беше спроведена од СДСМ, Димовски рече дека за него не е валидна и во неа се прекршени три члена од Уставот и 26 члена од Деловникот на Собранието.

Прашан за тоа дали на 27 април имал контакт со Миле Јанакиески или Спиро Ристески, Димовски рече дека не се сеќава на такво нешто.

Прашан за тоа дали како член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ имало некаква одлука за движењето За заедничка Македонија, Димовски рече дека не се сеќава за официјален став, но дека сигурно било расправано, како и за многу други актуелни прашања.

По паузата од половина час, на денешното рочиште, на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, треба да бидат сослушани и пратениците Зоран Илиоски, Лилјана Кузмановска, Благој Деспотовски, Слаѓана Митовска и Весна Пемова.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Поврзани новости