Димовски: Кривично ќе ги гониме работодавачите кои не исплатиле К-15

by Fokus

Ќе поднесеме кривични пријави за сите работодавачи од приватниот сектор кои не исплатиле регрес за годишен одмор (К-15), тврди претседателот на Сојузот на синдикатите Дарко Димовски.

– Ќе почекаме да ги сумираме податоците во јануари и ако имаме поплаки од работниците дека не им е исплатен регрес за годишен одмор за годинава и за тоа нема законска причина сигурно ќе поднесеме кривични постапки – вели Димовски.

Синдикатите, додава Димовски, немаат податоци кои работодавачи не го исплатиле регресот.

– Побаравме податоци од Управата за јавни приходи и Државниот завод за статистика, но не ги добивме, затоа сме принудени да чекаме членството да реагира – вели тој.

Тој додава дека регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците и работодавачите со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската што доброволно ја презеле.

Регресот за годишен одмор и годинава им следува само на вработените во приватните компании од стопанство. Вработените во јавниот сектор и годинава нема да го добијат бидејќи сѐ уште не е потпишан Колективен договор за јавниот сектор. Тој е веќе договорен ои се очекува да биде потпишан до крајот на фгодинава. Како што соопшти синдикатот на УПОЗ во сдоговорот е предвидена исплата на К-15 и за овие работници.

Износот на К-15 зависи од висината на просечната нето и бруто плата по вработен во последните 3 месеци пред датумот на исплата.

Минималниот износ треба да изнесува најмалку 40 проценти од висината на просечната нето плата, а максималниот до 40% од висината на просечната бруто плата.

Работодавачите можат да исплатат понизок износ на регрес за годишен одмор само под одредени услови и тоа кога видмата се соочува со тешкотии во работењето, но со  задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), вработените во приватниот сектор во следните три месеци на своите сметки треба да очекуваат минимум 9.665 денари, а максимум до 14.190 денари.

Изминатата година, вработените кои чекаа исплата на К-15 до декември, од своите работодавачи добија износ од 9.300 до 13.675 денари.

Услов кој треба да се исполни за регресот за годишен одмор е работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, а право на регрес секој работник има еднаш во годината.

За работодавците кои нема да дадат К-15 следат големи казни, кои се движат и до 4.000 евра.

Работодавачите кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ се соочуваат со затвордка казна во траење од 3 месеци до 1 година според Кривичниот закон.

Поврзани новости