Димитров за „Нин“: Претворањето на граѓаните од еврофили во евроскептици е најголем проблем на ЕУ по бугарската блокада

by fokus

Македонскиот пат кон членство во ЕУ е неверојатно брдовит, но мора упорно да се работи на сите отворени прашања и „не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз“, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервју за српскиот магазин „Нин“. За блокадата на Бугарија, Димитров посочува дека ако соседот ви го оспорува вашиот јазик, тоа не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.

-Главниот проблем е што под закрила на добрососедските односи и европските интеграции, Бугарија отвори прашања кои по својата суштина се антиевропски. Ако сакате да имате добри соседи, мора и самите да бидете добар сосед, велеше Хари Труман, забележува Димитров.

Тоа, според него, никако не може да води кон зрел однос меѓу две европски држави, заснован на заемно почитување.

-Како нашиот македонски јазик може да претставува проблем за интеграцијата во ЕУ, во еден сојуз што слави и негува културна и јазична различност на европските народи како своја фундаментална вредност? Поради тоа, доведувањето во прашање на идентитетот на македонскиот народ, во исто време го загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто би постоела ЕУ, ако предуслов за нејзиното создавање би бил сите земји членки да имаат целосно исти погледи на сите историски прашања? За голем дел од земјите-членки на ЕУ, ваквите спорови се целосно нерационални и неразбирливи, рече вицепремиерот Димитров за „Нин“.

Натаму подвлекува дека мора упорно да се работи на сите отворени прашања и оти не смееме да дозволиме овој пораз на Европа и на европските вредности да се претвори во наш пораз.

-Мора да покажеме дека сме возрасни земји кои мора да ги решаваат отворените прашања на европски начин, низ меѓусебно разбирање, но и почитување. Мораме да ја зајакнеме имплементацијата на договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, но и промовирање на таа примена, бидејќи имам впечаток дека тоа доволно не го покажувавме, иако многу сработивме на тој план. Тогаш, мора да ги продолжиме внатре разговорите во Историската комисија, но меѓу историчарите, а не меѓу политичарите. Потоа тука се реформите. Процесот на интеграција кон ЕУ не е само процес на формални чекори кон членство во Унијата, туку и домашна трансформација, оценува Димитров.

Според него, одложувањето на еден процес, за нас не смее да значи прекинување на друг поважен процес.

-На крајот мора да работиме со нашите ЕУ сојузници, со цел земјите-членки што побргу да најдат сила да ги зашититат принципите што беа прекршени овојпат и за да ја убедат Бугарија да ги отстрани билатералните прашања од преговорите и да го ослободи пристапниот процес од политичко заробеништво во кое сега се наоѓа, вели Димитров.

Во врска со негативните реакциите на бугарската блокада во регионот, и какви се истите во земјава, Димитров рече дека во државава реакциите се слични дури и поостри. -Токму тој песимизам и претворање на еврофили во евроскептици, или дури и еврофоби, меѓу граѓаните, но и внатре меѓу политичките елити, е најголем проблем на овој неуспех на ЕУ, рече Димитров.

-Што повеќе Европа би ги исполнувала своите ветувања, толку сите во регионот повеќе ќе веруваме во неа. Ние видовме како една поранешна блокада (во Букурешт 2008 година – НАТО самитот на кој Грција наложи вето на тогашниот напредок на тогашна Република Македонија за членство во оваа организација), може да предизвика комплетна политичка деканденција и назадување кон тоталитаризам и национализам. Ни беше неопходна една цела деценија од тоа да се опоравиме, и се уште се бориме со тоа политичко наследство. Овојпат мора да одолееме на искушението свесно да ја прифатиме улогата на жртва. Водејќи зрела политика мора упорно да работиме на тоа да станеме победник, заклучува вицепремиерот Димитров во интервјуто за српскиот магазин „Нин“.

Тој го коментира и интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС и вели дека тоа интервју било знак на добра волја кон Бугарија, гест на емпатија и разбирање.

-Заев секогаш бил политичар кој гледал напред, ’политичар мразокршач‘, кој не мисли на сопствениот рејтинг кога е во прашање решавањето на овие прашања. Јас така го доживувам тоа интервју, вели Димитров.

Поврзани новости