Димитров за Фокус: Франција размислува економски, не политички, затоа прави резерви на руски течен гас

by Fokus

Нуклеарната енергија, на која Французите имаа големи надежи, ги разочара бидејќи повторно се зависни од руски гас, но овојпат течен (ЛНГ) . Според финскиот аналитички центар за истражување на енергија и чист воздух (CREA), Франција го зазема првото место во светот по купување на руски течен природен гас .

Според истражувањето техничките проблеми принудиле суспензија на половина од француските нуклеарни централи, што резултираше со недостиг на електрична енергија во земјата. Во меѓувреме Германија нема доволно капацитети за течен гас иако планот на Европската комисија беше до 1 ноември повеќето земји да направат 80 проценти резерви со гас за да ја дочекаат подготвени зимата.

-Франција размислува економски, мора да ги надополни резервите, а во време на криза секој размислува за себе и постапува себично, бидејќи ако поскапи струјата или другите добра во земји како Франција граѓаните ќе се побунат, а тоа тамошната власт не смее да си го дозволи, појаснува за „Фокус“ професорот Димитров.

Според професорот и експерт за енергетика, Константин Димитров, ова е сосема логично и нема апсолутно никаква врска со ембаргото и одлуките за бојкот на рускиот гас од страна на Европската унија поради руската инвазија на Украина.

Тој додава дека ситуацијата дополнително се искомплицира со фактот што од средината на јуни Франција престана да добива гас од Русија. Така, Париз морал да го промени гасоводот од Русија во ЛНГ, што е можеби поскап но неговата дистрибуција е поевтина  за разлика од другите земји.

-Французите имаат среќа: за разлика од Германците, тие имаат четири терминали за ЛНГ кои му овозможуваат да прима не само гас преку цевки, туку и течен гас, а ние не извлековме поуки од претходното однесување на големите земји, како на пример дистрибуцијата на вакцини, секако дека тие прво гледаа за себе, а потоа за останатите, додава Димитров.

Француската премиерка Елизабет Борн неодамна најави дека задачата што е поставена пред енергетските инженери била 100% да ги наполнат капацитетите за складирање гас пред почетокот на студеното време.

Во Франција има 56 нуклеарни централи, што и овозможува да не се плаши од недостиг на електрична енергија. Освен тоа, за време на предизборната кампања, Емануел Макрон постојано ветуваше дека нема да има прекини на струја во Франција. Владата, сепак, ја покачи цената на струјата за само 4%, но вети дека таа нема да се промени до крајот на 2022 година.

Германскиот министер за економија пак Роберт Хабек најави дека двата привремени терминали за течен природен гас (ЛНГ) што ги подготвува неговата земја како дел од одбивањето на руските енергетски превозници ќе стапат во функција на крајот на оваа или почетокот на следната година.

Наспроти ова, Москва значително ги намали испораките на сино гориво за Германија преку постоечките гасоводи, додека Берлин активно бара нови извори на енергија, Франција се снајде побрзо.

Соња Танеска

 

Поврзани новости