Димитров во Талин на средби со премиерот Ратас и министерот за надворешни работи Реинсалу

by fokus

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамки на денешните активности од работната посета на Талин, беше примен од премиерот на Естонија, Јури Ратас, оствари средба со естонскиот колега, Урмас Реинсалу и се обрати пред Комитетот за надворешни работи во естонскиот Парламент.

На средбата со премиерот Ратас, соопшти МНР, беа опфатени прашања поврзани со европската интеграција на Северна Македонија, процесот на заокружување на постапката за полноправно членство во НАТО и потенцијалот за збогатување на билатералната соработка.

-Благодарни сме за силната поддршка од Естонија за нашата европска перспектива. Естонија и Балтикот се пример за тоа како еден регион може да се обедини позади заедничките интереси и да создаде позитивна соседска динамика. Како земја и како регион можеме многу повеќе да постигнеме доколку следиме вакви примери и се фокусираме на утрешнината, истакна Димитров на средбата со Ратас.

Во фокусот на средбата со Реинсалу, наведуваат од МНР, повторно беше европската перспектива  на земјата и важноста од валоризација на постигнатото и искористување на позитивниот моментум. Воедно беа разгледани прашања поврзани со идното сојузништво во НАТО и искористување на потенцијалот за збогатување на меѓусебната соработка во одредени сфери, пред се во делот на образованието и дигиталната технологија.

Поврзани новости