Димитров: Тешко е да зборуваме за надеж откако трипати удривме во ѕид!

by fokus

EУ мора наскоро да го исполни ветувањето за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија, истакнува шефот на дипломатијата Никола Димитров во изјава за АФП предупредувајќи оти не се доволни пораките на охрабрување по октомврискиот состанок на Европскиот совет на кој не беше донесена одлука за старт на пристапниот процес.

– Мислам дека овие пораки се позитивни и потребни, но во оваа фаза за нас и за мене како министер за надворешни работи многу е тешко да зборуваме за надеж откако трипати удривме во ѕид – во јуни 2018, јуни 2019 и во октомври годинава, изјави Димитров.

Неопходно е, нагласува тој, да биде донесена одлука што ќе им даде вистинска надеж на луѓето дека Европа е сериозна во однос на нашата европска перспектива.

АФП потсетува дека ЕК и другите институции на ЕУ јасно кажале дека Македонија ги исполни сите услови и задачи што и беа зададени и оти треба да почне преговори за членство, но на Самитот на ЕУ на тоа се спротивстави Франција.

За француското вето, Димитров вели дека право на Париз е да отвори легитимна дебата за пристапниот процес, а Македонија е подготвена да го прифати тоа и да биде подложена на дополнителен надзор вклучувајќи го принципот на реверзибилност.

И покрај разочарувањето од ЕУ во октомври, Димитров вели дека Скопје нема да ја повтори грешката по Самитот на НАТО во 2008 кога не доби покана за членство поради спорот за името со Грција и влезе во ќорсокак.

– Ние избегнавме да ја повториме таа грешка. Остануваме фокусирани на целта. Во наредните неколку недели сакаме да постигнеме дополнителни реформски резултати кои ќе го зацврстат нашиот случај и ќе направат да стане невозможно ново „не“ од земјите членки на ЕУ, истакнува Димитров.

Следната можност да се поправи грешката и да биде донесена одлука за старт на преговорите со Скопје и Тирана, е Самитот на ЕУ лидерите во Загреб на 6 и 7 мај наредната година.

Поврзани новости