Димитров: Србија се меша во внатрешните работи на Македонија

by fokus

Присуството на српскиот разузнавач и советник во амбасадата, Горан Живаљевиќ во македонското Собрание за време на нередите во април годинава е пример за мешањето на Србија во внатрешните работи на нашата земја, изјави новиот министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

„Ќе се обидам да го затворам прашањето со Србија без голем скандал но тоа не е добар почеток од другата страна. Во Собранието практично дојде до државен удар кој пропадна. Не може вашиот претставник да биде дел од масата која влегла во Собранието и да тврдите дека не се мешате во внатрешните работи. Попластичен пример за мешањето во внатрешните работи на една земја не постои. Јас како дипломат во институциите на друга држава влегувам на главната врата“, изјави Димитров, пренесе српскиот портал КРИК.

Тој додаде дека не е добро изградбата на новите односи со Србија да започне со скандали.

КРИК, НОВА и ОЦЦРП објавија дека имале увид во документ на македонската тајна полиција, меѓу кои и прислушувани разговори меѓу припадник на БИА и советникот на српската амбасада, Горан Живаљевиќ и пратеникот од Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ. Според македонската разузнавача служба за прислушувањето постоело судски налог.

Според документите, како што се менувала кризата во земјава, активностите на Живаљевиќ станале повеќе разузнавачки отколку дипломатски.

„Според нашите откритија може да се заклучи дека разузнавачот на БИА во Македонија користел разузнавачки методи кои излегуваат од оквирот на дипломатски статус, што ја доведува во прашање легитимноста и легалноста на неговите акции“, пишува КРИК.

Поврзани новости