Димитров: Практиката на поставување споменици е завршена

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, при неговата посета во Атина изјави дека новата влада не им придава големо значење на спомениците.

Тој не прецизираше каква ќе биде идната одлука околу нив, но нагласи дека практиката на поставување споменици и преименувања во Македонија е завршена.

„Не ги одобрувам спомениците и не се плашам да го кажам тоа пред грчката и македонската јавност. Можам да ви кажам дека дефинитивно нема да видите нови именувања и нови споменици. Новата влада не им дава големо значење на спомениците“, изјави Димитров.

Запрашан од грчки новинар како ја коментира изјавата на Заев во Брисел дека е прескапо да се рушат спомениците, министерот одговори:

„Тој е политичар, како што сум и јас, но, секако, тој е претседател на новата реформска влада. Мора да води, но мора и да го почитува јавното мислење. Јас имав мала канцеларија во зградата на владата. Кога беше изградена доби многу меѓународни награди, беше многу светла, отворена, транспарентна зграда, како што е логично да биде транспарентна зграда на влада. Сега е нешто што не е автентично и навистина не сум горд. Ќе видиме што ќе се случи, само 12 дена поминаа од формирање на новата влада“.

Поврзани новости