Димитров: НАТО ќе биде од помош во борбата со корона вирусот, пријавивме потреба од медицинска опрема

by Фокус

Историска привилегија е да бидам првиот што како земја членка ја претставува нашата држава на состанокот на НАТО, рече во интервју за МТВ министерот за надворешни работи Никола Димитров, откако Северноатлантскиот совет на ниво на министри се сретна преку видео врска. Како што рече тој, основна тема на министерскиот состанок била пандемијата КОВИД-19.

-Во финалната Декларација што само што ја потврдивме во голем дел се истакнува потребата од силна солидарност и единство да се користат механизмите на НАТО и во однос на заеднички јавни набавки и во однос на меѓусебна помош и солидарност дали за медицински персонал, дали за медицинска опрема бидејќи целото човештво на некој начин се соочува со оваа огромна вонредна состојба во смисла на коронавирусот – рече Димитров.

Според него, една од големите придобивки ќе биде и дневното добивање ажурирани информации од членките на НАТО, какви се дневните информации и какви се можните сценарија.

– Мислам дека и тоа нам многу ќе ни помогне кога ќе ја адаптираме македонската стратегија на некој начин заедно со здравство и сите други институции, Владата итн. Плус оваа помош околу транспорт, плус оваа помош околу јавни набавки, како нова земја членка, верувам дека ќе има солидарност околу нашите потреби. Ние веќе ги пријавивме тие потреби во смисла медицинска опрема, материјал итн. – рече Димитров.

Поврзани новости