Димитров на Самитот за Западен Балкан: Крајно време е за добри вести

by Fokus

Денеска во Виена, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров учествуваше на Самитот за Западен Балкан, на ниво на министри за европски прашања, како надополнување на пленарната сесија на шефовите на влади организирана од австрискиот канцелар Курц.

Вицепремиерот Димитров истакна дека новата методологија за пристапни преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати, и на Европската Унија.

„Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни. Крајно време е Унијата да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови“, истакна Димитров.

Димитров дополни дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан е признание од страна на ЕУ дека треба да стори повеќе за регионот за да го одржи процесот на европеизација, како подадена рака за фундаментални реформи, брза имплементација и регионална економска интеграција.

Поврзани новости