Димитров на кратка средба со наследникот на Могерини

by fokus

Шефот на дипломатијата, Никола Димитров, кој заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска учествуваат на 14-от Бледски стратегиски форум, попладнево имаше куса средба со колегата од Шпанија, Жозеп Борел, номиниран за функцијата Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Димитров оствари средба и со премиерот на Словенија Марјан Шарец и со шефот на турската дипломатија МНР Мевљут Чавушоглу.

На маргините на форумот, Димитров и Шекеринска денеска ќе се сретнат и со Метју Палмер, новоименуваниот специјален пратеник на САД за Балканот и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.

Димитров утре ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.

Шекеринска, пак, ќе се обрати на панелот насловен „Што следува? – поглед на евроатлантската безбедност, 70 години по Вашингтонскиот договор“.

Бледскиот стратегиски форум секоја година е местото каде што се среќаваат влијателни светски и европски политичари и државници. Форумот претставува една од водечките меѓународни конференции во Централна и Југоисточна Европа.

Годинашното мото на Бледскиот форум е „Ресурси/извори на (не)стабилност“/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите ќе бидат посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок.

Поврзани новости