Димитров: Имав 18 години кога прогласивме независност, сега имам 46 и трчаме кон воз што се движи

by fokus

Живееме во несигурни времиња и не е лесно да се предвиди каде ќе бидеме за една година. Еропа е зафатена и време е нашиот регион да истапи и да направи што може за да се поместиме на линијата на сигурното, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на денешната конференција во Лондон, на тема  „Што содржи следната декада за земјите од Западен Балкан“.

Обраќањето пред присутните Димитров го почна со извинување дека не е утрински човек и ги замоли присутните да имаат трпение. Тој рече дека на Балканот се чувствува итност дека е потребно да се направат чекори за земјите да се придвижат напред.

– Мојата влада беше родена од политичка криза која не направи свесни дека ни се потребни силни инситтуци, европска демократија, независни судии и слободни медиуми. Најголемиот проблем ни беше со Грција, а првата посета која ја направив како министер беше во Атина, втора во Бугарија. Нашиот регион е толку богат со историја, сакаме да се наптпреваруваме меѓу себе кои има пославни порази и победи. Ова мора да го смениме. Не можеме да ја смениме нашата историја и нашата географија, но можеме да  ја обликуваме нашата иднина – рече Димитров.

Тој додаде дека Македонија не може да биде успешна, ако Балканот во целина не е успешен.

-Ништо не добиваме ако соседот губи. Успеавме да совладаме важни прашања. Нашиот најголем успех беше тоа што Грција и Бугарија на Советот на министри се бореа за Македонија како да се работи за нивна земја. Дел од еврпопскиот дух пренесовме во нашиот дел од Балканот – посочи Димитров.

Тој порача дека немаме луксуз да пропуштаме историски можности, но и дека земјите не смеат да се разгледуваат како групи, туку дека напредокот мора да се цени и да се наградува.

-Имаме гневно јавно мислење, имаме јавност која не е многу толерантна кон грешките. Имавме случај каде членовите на Државната изборна комисија беа под притисок да дадат оставки и попуштија откако беше обелоденето дека сами на себе си доделиле големи бонуси.  Реакцијата беше толку силна што мораа да се повлечат. Работиме рамо до рамо со граѓанскот општество. Оваа недела се надевам да добиеме покана да започнеме разговори со НАТО. Ова е последна шанса за мојата генерација да обезбеди подобри услови за следната. Имав 18 години кога прогласивме независност, сега имам 46. Пропуштивме шанси, години поминавме во чекалница на ЕУ. Сега трчаме кон воз што се движи, а не знаеме кон која насока, но решени сме да го фатиме – рече министерот.

Поврзани новости