Димитров и Османи нема да одат во изолација, вицепремиерот ќе се тестира превентивно

by fokus

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи нема да одат во изолација иако беа на средба во Берлин со бугарската делегација од која беше дел и заменикот министер за надворешни работи на Бугарија, Петко Дојков кој доби позитивен брз тест на Ковид – 19.

Од Секретаријатот за европски прашања и Министерството за надворешни работи за „Фокус“ потврдија дека на средбата се почитувале сите протоколи и немало ризични контакти, па никој од македонската делегација нема да оди во изолација.

Сепак, поради меѓународните контакти кои во иднина ќе ги има Димитров, тој ќе се тестира превентивно.

-Веднаш по добивањето на информацијата дека постои можност дел од бугарската делегација, која беше присутна на состанокот во Берлин, да е позитивна на COVID 19, СЕП се обрати до Комисијата за заразни болести, каде се изврши епидемиолошка проценка на ризик. Имајќи предвид дека сите мерки биле почитувани од страна на македонската делегација, односно сите претставници носеле маски и одржувале значителна дистанца, заклучокот од комисијата е дека нема ризичен контакт и дека нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација. Сепак, со оглед на тоа дека ЗПВРСМ Димитров во наредниот период ќе продолжи со интензивни активности и меѓународни контакти, ќе се изврши редовно превентивно тестирање на Димитров согласно проактивната политика за тестирање на СЕП, велат од СЕП за „Фокус“.

И од кабинетот на Османи велат дека разговарале со Комисијата за заразни болести и дека Османи нема да оди во изолација.

-Констатирано е дека организаторите ги презеле сите мерки за заштита; во текот на средбите учесниците ги користеле сите мерки и протоколи за заштита, при што е констатирано дека во ниту еден момент немало ризичен контакт кој би бил причина за изолација, ни одговорија од МНР.

Бугарското МНР попладнево соопшти дека вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева ќе оди во самоизолација откако нејзиниот заменик добил позитивен брз тест на Ковид-19. Сепак тој ќе биде тестиран и со ПЦР тест, а истото ќе го направи и Захариева. Македонската и бугарската делегација во понеделникот имаа петчасовна средба во Берлин на која разговараа за надминувањето на разликите меѓу двете земји.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости