Омразата на Ангел Димитров е безгранична кон Македонија и кон Србија. Тој е вистинскиот претставник на неофашистичката идеолигија во Бугарија кој има официјален статус и позиција, вели за „Фокус“ универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов, коментирајќи ја последната колумна на бугарскиот копретседавач со мешовитата историска комисија, Ангел Димитров во којашто пишува дека Македонија ќе биде рускиот тројански коњ во ЕУ.
-Не е јасно само зошто нашите медиуми му даваат толку простор на неговиот говор на омраза кон Македонија и Македонците и зошто МНР официјално не побара тој да биде или вразумен или сменет од позицијата што му е доделена, додава Спасов.
Димитров викендов имаше колумна на БГНЕС во која меѓудругото ги предупредува САД и ЕУ дека доколку Македонија и Србија бидат примени во Унијата ќе бидат „тројански коњи на Русија“.
-Од таква перспектива, дали Европската Унија и САД разбираат дека упатувајќи критики само кон Бугарија, тие всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито и тоа идеолошко наследство кое е апсурдно далеку од научното прецизност, политичка коректност и европски вредности?
Инаку, Москва нема ништо против евроинтеграциите на Белград и Скопје, бидејќи – со оглед на нивното политичко наследство – тие ќе бидат толку потребните „тројански коњи“ во Европската унија, напиша историчарот.
Неговиот колега, односно македонскиот копретседавач со мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија, Драги Ѓоргиев не ги коментира неговите ставови. – Не би коментирал лични политички ставови на член на заедничката комисија, ни изјави Ѓоргиев.
Ф.Ф.С.