Димитров до ЕП: Досега имавме ветер во лице, дајте ни ветер во грб

by fokus

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, попладнево во Европскиот парламент имаше обраќање и сесија за прашања и одговори со европратениците во рамки на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ-група), јави дописникот на МИА од Брисел.

Притоа, во долгата дискусија со европратениците, Димитров од нив и од Европската унија побара поддршка и поттик за Македонија да има позитивна и оптимистичка 2018 година, кога се очекува Европската комисија да даде јасна и чиста препорака за отворање на пристапните преговори за членство.

Настапот на шефот на македонската дипломатија пред првите луѓе за надворешни работи на Европарламентот доцнеше еден час, поради тоа што, како што образложи претседателот на АФЕТ-групата, Дејвид Мекалистер, авионот со министерот од Македонија доцна слетал на аеродромот „Завентем“ во Брисел.

– Пристигнав во Брисел од Скопје со потешкотии, што не е различно од патувањето на Република Македонија во Европската унија. Регионалниот лет не можеше да се оствари, па возев до Бугарија и преку Виена пристигнав тука во храмот на европската демократија. Тука сум да ви раскажам една добра приказна. Приказна за издржливоста на полето на демократијата. Предолго време искусуваме ветер во лице, дадете ни ветер во грб, а ние ќе возвратиме со мирни води и плодна жетва“. Вратеното внимание на нашиот регион во “храмот” на европската демократија – Европскиот Парламент, МНР Димитров го поздрави како охрабрувачки сигнал. Додаде дека сега е вистинското време да се препознае моментумот и ургентноста за енергичен и позитивен ангажман кон повеќе, а не помалку ЕУ интеграција со цел да ни случат добри работи, нам, на нашиот регион и на нашата Европа – им порача шефот на македонската дипломатија на европарламентарците.

Поврзани новости