Димитров: Дека предлогот бил последен е евтино заплашување

by fokus

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, вели дека не може да помине заплашувањето дека ова е последниот предлог кој го добива Македонија

-Краток коментар за тезите “ова е последен предлог” и “секој следен предлог ќе биде само полош” кои инаку се заемно исклучиви. Ако е последен, не може да има следен предлог нели?

Со политика на очај, паника и успех-по-секоја-цена сигурно ќе биде полош, иако искрено за тоа ќе треба голема креативност, бидејќи сегашниов не е компромис туку целосен пораз. Тешко е да се замисли полош предлог.

Дека бил последен е евтино заплашување, бидејќи сосема е легитимно да кажеме: Драги европски пријатели, три години ве слушаме дека и вашата црвена линија е да не се дозволи билатерализација на пристапниот процес. Таков став имаа и нашите американски пријатели. Во новата методологија напишавте “сите да се воздржат од злоупотреба на нерешени прашања во пристапниот процес.” Од една заедница на вредности, која во Лисабонскиот договор се заложила дека ќе ја негува културната и јазична разноликост на континентот, очекуваме да не’ разбере и да не толерира негирање на македонскиот јазик од една своја земја членка и да не одобрува наметнување на историски наратив со присила. Како што беа можни претходните балансирани предлози, германскиот и португалскиот, за некое време, ќе бидат можни и други балансирани предлози.

Се разбира, Бугарија ќе продолжи да биде клучен фактор и затоа ни треба целосна ревизија на билатералните односи. Ветото не може да се наградува со постојани концесии. Ова сегашново “решение”, иако на прв поглед победничко за Софија, всушност ја засилува уцената и навредата, што ќе продуцира само антагонизам, гнев и омраза, а тоа нема да може да се спречи преку “дисциплински мерки”. Наместо пријателство и блискост, ќе носи отпор и се’ поголемо оддалечување.

За вистинско зближување меѓу двете држави и меѓу македонскиот и бугарскиот народ, ќе треба заемна почит и прифаќање. Со сила убавина не бидува, туку со препознавање и разбирање на клучните грижи на соседот. Ниту еден договор што не стои на овие нозе, што не е вистински компромис, не може да продуцира ништо добро, ниту пак ќе заживее, напиша Димитров на фејсбук.

Поврзани новости