Димитров: Балканската рута да остане затворена, прво да влеземе во ЕУ па ќе го делиме товарот

by fokus

Балканската рута треба да остане затворена, смета министерот за надворешни работи, Никола Димитров, според кој Европската унија треба да продолжи со финансиската помош кон Турција каде се заглавени мигрантите. Во интервју за „Дојче веле“ тој вели дека товарот за бегалскиот бран, Македонија ќе го дели со ЕУ само откако ќе стане членка на унијата.

-Пред сé, во интерес на македонските граѓани е Македонија да влезе во ЕУ, а кога еднаш ќе бидеме дел од ЕУ, тогаш дефинитивно ќе бидеме подготвени да го  делиме товарот со ЕУ. Но, пред тоа треба да влеземе во ЕУ, за да може да се даде одговор на ова прашање – изјави Димитров.

По однос на спорот за името со Грција, Димитров очекува до крајот на годината да започнат нови преговори.

-За време на посетата на грчкиот министер Коѕијас, минатата среда во Скопје, ги дискутиравме мерките за градење доверба. Сè уште не ги започнавме преговорите. Тие ќе започнат дефинитивно пред крајот на годината – посочи тој.

На прашањето дали македонската Влада е спремна за компромис, Димитров се повика на привремениот договор со Грција.

-Спорот околу името не треба да биде пречка за нашата интеграција. Имаме Привремен договор со Грција, која се согласи да не ја спречува нашата интеграција. Имаме пресуда од Меѓународниот суд на правдата. Но, нашата цел не е да обвинуваме. Веруваме дека ако треба да сме сојузници, бидејќи влегувањето во НАТО и во ЕУ значи дека ќе бидеме сојузници со Грција, тогаш сите недоразбирања треба да ги решаваме преку дијалог – додава Димитров.

 

Поврзани новости