Димитриевски за Фокус: Барам што побрзо да се вратам на работа и да продолжам со борбата

by fokus

Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски откако објави дека направил дополнителни тестирања на корона кои излегле негативни, во изјава за Фокус објаснува дека тој се тестирал во две приватни лаборатории, во болницата “Жан Митрев” и лабораторијата “Биотек”. Центарот за јавно здравје  Куманово пак ги тестирал сите шест члена на неговото потесно семејство и сите добиле негативни резултати.

– Моето барање е што побрзо да се вратам на работата и да продолжам со борбата против епидемијата заедно со целиот мој тим, којашто ја водиме од првиот момент. Здравјето на граѓаните во овој момент ми е приоритет, намалување на последиците во стопанството и помошта ма социјално најзагрозените групи. За сите постапки и пропусти ќе зборувам по победата на епидемијата со цел да не ни се повторат, во моментов тоа е небитно, вели Димитриевски.

Тој вечерва на Фејсбук објави дека по дополнителните тестови од епидемиолошката служба при ЦЈЗ Куманово побарал да ги разгледа резултатите од тестирањата и по потреба да го повтори тестирањето. Ниту тој, ниту членовите на неговото семејство немаа симптоми на новиот вирус. Непосредно по неговата објава, дека тестот му е негативен објави и техничкиот премиер, Оливер Спасовски кој заедно со министерот за здравство, Венко Филипче и уште неколку функционери се во самоизолација по посетата во Куманово и средбата со градоначалникот. Димитриевски непосредно по состанокот со врвот објави дека добил резултати од тестирањето и покажале дека е позитивен на корона. Куманово е најпогоден град во земјава во корона кризата, има најмногу заразени и најмногу починати од вирусот.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости