Димитриевски кажа што мисли за најавеното отворање на бугарски клуб во Куманово

by Fokus

Отворање на бугарски културен центар е најавено дека наскоро ќе се случи во Куманово. За настанот информира бугарската Фондација Македонија, со зборови дека воздухот се протнувал насекаде, и дека на ист начин се зближувале Бугари и Македонци.

-Ние сме едно. Иднината ни е заедничка. Куманово наскоро ќе има бугарски културен центар, Ненад Петровски – објави фондацијата на чие чело е извесен Виктор Стојанов, кој периодов е актуелен со разни провокации на социјалните мрежи.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за ,,Фокус” открива што мисли по повод најавата за отворање на бугарски клуб во неговата општина.

-Куманово е мултикултурен град. Секоја добронамерна идеја е добредојдена. Секоја идеја која што има намера да провоцира, да ги нарушува меѓуетничките односи и взаемното разбирање на граѓаните, како и да ги негира сите припадници на етнички заедници, вклучувајќи го македонскиот народ, јазик, култура, идентитет, апсолутно е неприфатливо и недобредојдено во нашиот град. Ние како општина немаме надлежност во делот на регистрација на клубовите, освен што издаваме согласност во делот за користење на името на градот. Не сум запознат со оваа иницијатива и очекувам да излезат и официјални податоци за истата, за да можам да дадам и конечна изјава. Лицето Ненад Петровски (кој се спомнува во најавата за клубот) не ми е познато – изјави Димитриевски за ,,Фокус”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости