Димитриеска Кочоска: Има основи за сомневање за криминал во случајот ТЕ-ТО

by Fokus

Дополнителен заменик министер во Министерството за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

Будно го следиме случајот околу доделувањето државна помош на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје. Имаме основи за сомневање за сторен криминал, злоупотреба на државни пари и индиции за нерегуларности при постапка за доделување на државна помош.

Имено, предмет на државната помош е Јавна давачка од околу 16 милиони евра по основ на данок на добивка за 2018 година, кој настанал со отпис на долгови согласно План за реорганизација во стечајна постапка на АД ТЕТО.

До мене на 10.01.2020 преку архивата на МФ Здружението за заштита на правата на акционерите на Топлификација АД Скопје, се обрати и достави документација согласно која постојат индиции за неправилности при доделувањето на државната помош на АД ТЕ-ТО, а од која постапка им се нанесувало индиректна штета на акционерите на Топлификација АД Скопје, на начин што ваквата постапка влијаела на претходно воспоставени правни односи меѓу овие субјекти за кои има граѓански, но и активни кривични постапки.

Имајќи ги предвид информациите кои ги добив и податоците кои согласно моите надлежности можев да ги приберам, со оглед на сомнежот за неправилностите во оваа постапка, соодветно реагирав и целосната документација заедно со сите списи ги предадов во Министерството за внатрешни работи, како надлежна институција.

Она на кое се основаше мојата реакција произлегува од следното:

ТЕТО е фирма која своите производи ги продава на слободен пазар по правилата на пазарот за електрична енергија во државата и странство и тоа треба да се земе предвид при секоја постапка, а особено при постапка за доделување на државна помош. Со доделувањето на државната помош оваа фирма е повластена споредено со конкуренцијата.

Требало да се земе предвид дека ТЕ ТО е фирма за која се водат истраги во кривична постапка а веројатно и кривични постапки за кои Финансовата полиција заради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ „Лажен стечај“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, поднела пријава до Јавното обвинителство, за што ја извести јавноста со соопштение од 21.06.2019 година.

Уште повеќе, се дала помош на фирма за која има Известување од Комисијата за хартии од вредност од 22.08.2019 година, дека по спроведена анализа на целокупната состојба на АД ТЕ-ТО и АД Топлификација утврдила дека постојат основи на сомневање дека сметководителот и ревизорот постапил спротивно на Законот за хартии од вредност.

Во однос на ова Владата во соопштение известува дека предмет на државната помош е данокот на добивка која де факто не постоела, не е реализирана во компанијата, туку е настаната фиктивно по основ на отпишани обврски врз основа на план за реорганизација. Оттука се поставува прашањето дали и за другите фирми овој основ не треба да се зема предвид при утврдување на даночните

обврски и дали за нив државата смета дека де факто нема данок на добивка или ним им наплаќа данок иако смета дека е фиктивен.

Ако е на тој став оваа Влада требало да иницира соодветни законски измени со кои основата за пресметување на данокот на добивка кој како што велат “де факто не постои“ односно истиот е “фиктивен“ законски ќе ја отстранат за истата да не биде предмет на наплата за останатите деловни субјекти и граѓани во државава.

Од достапната документација која јас ја поседувам, во Предлог на текст на договорот, мене ми се поставуваат повеќе прашања:

1. Како се дозволува одлагање на наплата на данок за добивка за 9 години, ако знаеме дека наплатата на даноците застарува за 10 години, при што постои огромна опасност за негово застарување и реална наплата.

2. Како државата го заштитува наплатувањето на данокот како приход на буџетот, ако не предвидува никакво обезбедување односно гаранција при неисполнување?! Во текстот на договорот нема предвидено никакво обезбедување, залог, хипотека или слично.

3. ако данокот доспеал во месец март 2019 година, зошто до моментот на склучување на договорот за државна помош не се пристапило кон извршна наплата на данокот? Зошто оваа фирма која е конкурентна на пазарот е повластена?

4. Зошто Одлуката за доделување на државна помош не е објавена во Службен весник и покрај обврската согласно Деловникот за работа на Владата, и зошто се крие од очите на јавноста, кога со оваа одлука се одлучува за неприбирање на данок што во суштина подразбира располагање со ПАРИТЕ на граѓаните. Дали граѓаните не треба да бидат информирани како Владата одлучила да располага со нивните средства?!

5. Зошто се дава државна помош на фирма на која веќе и е одобрен план за реорганизација за да може нормално да продолжи со својата работа и за која веќе се извршил отпис на долговите кон другите доверители.

6. Зошто АД Те-То не земе кредит од комерцијалните банки, како секоја фирма со цел да се надмине проблемот со ликвидноста?

7. И сосема на крај, ако Владата гледала оправданост во ваквите постапки, зошто не пристапила кон одлагање на плаќањето на долгот согласно Законот за даночната постапка каде Плаќањето на даночниот долг може да се одложи за определен рок во еднократен износ или на рати, но не повеќе од 36 месечни рати, Или можеби сето ова „одлагање на наплата на данок“ претставува опростување на данок….

Заради сите овие прашања при разгледување на доставената документација, јас ги информирав надлежните институции за да ги преземат натамошните активности согласно закон.

Поврзани новости