Димитриеска-Кочоска со навредлива изјава до Петровска: Не сте компетентни да зборувате за трошоци на едно семејство, јас имам два сина

by Fokus

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска ја навреди пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, велејќи дека нема право да зборува за мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена, има семејство, има два сина.

Петровска постави три прашања и второто беше за Димитриеска-Кочоска.

„Пратеничке Славјанка Петровска, не можам да ве кажам почитувана. За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно 4-члено семејство. И научете во пописот што вие го направивте, едно просечно семејство е 3-члено, а не 4-члено. Во однос на грашокот, и јас сакам да купам од конзерва, ама не сум сама, четири члена сме. Мораме да одиме во најевтините маркети и да купиме замрзнат грашок. Тоа беше коментарот, зошто да купуваме грашоци кои се поскапи од 100 денари. Исто беше и за млекото. Некој може троши и по 18 литри, а некој воопшто не пие. Бадемовото вам ќе ви го оставам, вам ви треба, а не мене!“, рече видно нервозна министерката и ја напушти говорницата.

Петровска, која постави три прашања, меѓу кои и за неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да консумира едно семејство, ја критикуваше министерката за нејзините ставови. „Министерке, ако ја направиме логиката како што вие ја направивте, ќе видите дека 13 литри млеко не се доволни за едно 4-члено семејство, освен ако не ги заменувате со бадемово млеко“, рече Петровска. Таа ја праша и за ставот околу намалување на патните трошоци за пратениците, за кои ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржал.

Петровска не се впушти во контра-напад и не одговори на личните навреди, туку објасни зошто не реагира: „Мислев, министерке, дека извлековте поуки од вашите претходни испади на Комисијата за финансирање и буџет, кога ве повлекоа од партијата со наредба да не доаѓате во Собрание. Нема да одговарам на вашите неумесни коментари. Ако имаше дно, вие го пробивте“, заклучи Петровска.

Поврзани новости