Димче Крстев на суд за насилството во Општина Центар

by fokus

Нови рочишта денеска во Кривичниот суд треба да се одржат за предметот „Триста“ и за одвоената постапка во случајот „Насилство во општина Центар“.

Одвоената постапка е за седмообвинетиот Димче Крстев во случајот „Насилство во општина Центар“. Судијката на главната расправа за него одлучи да ја раздвои постапката, па нему ќе му се суди одвоено.

Крстев се изјасни дека не е виновен. Тој на последното рочиште на кое присуствуваше рече дека нема адвокат што ќе го застапува пред Судот и побара судењето да се одложи со објаснување дека се чувствува лошо.

Покрај Крствев во овој предмет обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Во предметот „Триста“ обвинет е Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи.

Според обвинителниот акт, Поповски со набавката го оштетил буџетот за државата за сума од 453.570 евра.

Специјалното јавно обвинителство тврди дека Поповски тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.

Поврзани новости