Дилер додавал кофеин и парацетамол за да ја зголеми масата на хероинот

by Фокус

Полицијата поднесе кривична пријава до обвинителството против 40-годишниот И.С. за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, информираа од Министерството за внатрешни работи.

„Пријавениот во текот на месец декември 2017 година неовластено, заради понатамошна препродажба, од засега непознато лице набавил и држел кај себе наркотична дрога хероин и смеса за зголемување на масата на хероинот. Пријавениот откако ги набавил хероинот и смесата за зголемување на масата на хероинот, ги чувал во својот дом, каде ги пакувал во помали полиетиленски паковки наменети за улична препродажба. На 06.12.2017 година, бил извршен претрес во домот на И.С. каде биле пронајдени една кутија во која имало 13 помали и една поголема паковка со прашкаста материја, две стаклени тегли во кои имало кеси со прашкаста материја, една кутија со пет кесички со прашкаста материја, дигитална вага и држач за СИМ картичка со остатоци од прашкаста материја“, соопштија од МВР.

Пронајдените предмети биле одземени и со наредба од Основното јавно обвинителство – Скопје биле предадени на вештачење, по кое, според полицијата, било утврдено дека пронајдената прашкаста материја од пет пакувања со вкупна нето маса од 43,15 грама е хероин, прашкастата метерија од стаклените тегли со вкупна нето маса од 498 грама претставува мешавина од кофеин и парацетамол, додека трагите пронајдени на дигиталната вага и држачот за сим картичка претставуваат остатоци од хероин.

Поврзани новости