ДИК: Граѓаните да излезат да гласаат, гласачките ливчиња од вчера и денеска ќе се бројат со останатите гласови

by Frosina Fakova

На вториот ден од предвремените парламентрани избори, денеска до 15 часот  гласале 7.170 лица. Не биле пронајдени во обид за гласање или не сакале да гласаат 273 лица. Во домовите за стари лица од 357 пријавени за гласање, гласале 231. Три лица не гласале. Во казнено-поправните установи до 15.30 часот од 1.657 запишани избирачи гласале 808. Од лицата кои се пријавиле за гласање во домашен притвор, досега гласале седум лица. Нема информација од запишаните шест раселени лица колку гласале. Ова попладнево го соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски.

Дерковски смета дека вториот ден од изборите се одвива непречено и без проблеми.

– Иако условите се прилично комплицирани, во услови на пандемиска криза, сметам дека избирачките одбори досега добро си ја завршија работата и ги охрабрувам да ја дозавршат до крајот на денот. Ги охрабрувам и сите пријавени, да ги почекаат одборите доколку досега не дошле да ги посетат за да го искористат своето право на глас, рече Дерковски.

Најави дека по 21 часот ќе соопштат како поминало гласањето на овие категории лица.

-И од овој ден се виде дека ДИК со целата администрација, која е поддршка на целиот процес, успеа да го организира гласањето како што треба, водејќи сметка пред се за здравјето на граѓаните. Никаде не е пријавен ниеден настан кој би значел дека се загрозило здравјето на гласачите. Сметам дека така ќе помине и утрешниот ден. Апелирам граѓаните да излезат утре и да гласаат и да бидат сигурни дека се исполнети сите услови за безбедно гласање, пред се за нивното здравје и за здравјето на сите што учествуваат во организација на овој процес. Да ги почитуваат препораките и процедурите, како од нас така и од здравствените власти се со цел заштита на овој процес,а и заштита на нивното здравје, рече Дерковски.

За шепекулациите за броење на гласови, претседателот на ДИК кажа дека гласачките ливчиња од вчера и денеска ќе се бројат заедно со сите останатите гласачки ливчиња.

Дерковски ги замоли сите и учесниците во политичката трка да ги остават граѓаните слободно да го остварат своето гласачко право.

– Вчерашниот, денешниот и утрешниот ден се денови на ДИК и денови на граѓаните за да го исполнат своето гласачко право. Уште еднаш апел – воздржете се сите, оставете ги граѓаните да си ја донесат вистинската одлука, потенцира Дерковски.

Државната изборна комисија попладнево во рамки на продолжението на 77 седница разгледа нови приговори за повреда на личното избирачко право, поднесени од неколку граѓани и сите ги одби.

Поврзани новости