ДИК ги одби приговорите на БЕСА и Алијансата за Чаир и Струга

by Фокус

Државната изборна комисија ги отфрли сите приговори поднесени на постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори 2017 година.

Притоа, добиени се 88 приговори од вкупно 89 кои што ги поднесе Беса, додека еден приговор е повлечен од страна на партијата. На барање на партијата, 84 приговори биле разгледани како еден, бидејќи имаат исти наводи и се однесуваат на општина Чаир, каде кандидатот на БЕСА Зекрија Ибраими загуби со само 200 гласа разлика од Висар Ганиу од ДУИ.

Членовите на ДИК ги отфрлија и сите 13-те приговори поднесени од Алијансата за Албанците, кои се однесуваа за гласањето во Струга. Овие приговори се однесуваа на гласањето во Струга, каде лидерот на партијата Зијадин Села загуби со нецели 800 гласа во вториот круг од Рамиз Мерко од ДУИ, иако во првиот круг од гласањето освои над 1.000 гласа повеќе во однос на неговиот противкандидат.

Исто така, Комисијата го отфрли и приговорот на НДМ како неуреден, додека ВМРО-ДПМНЕ не поднесе ниту еден приговор за гласањето во вториот круг, и покрај тоа што јавно порачуваше дека победата во многу општини им е украдена.

Поврзани новости